Венчавање (Брак)

Православните христијани што живеат според правилата на Светата црква и според учењето на Господа Исуса Христа се венчеваат во храмот.

Македонска свадба во црква

Светата црква забранува венчавање во следните денови:

  1. Од Сирни поклади (Прочка) до вторникот од Светлата седмица (значи во текот на Велигденскиот пост).
  2. За време на Богородичните пости.
  3. Од Божикни поклади до Воведение (Пречиста) и од Свети Игнатиј до Свети Јован.

Во исклучителни случаи епархискиот архиереј може да даде благослов за венчавање и во забранетите денови, освен во деновите на Велигденските пости.

За венчавањето е потребно:

Младите, кумот, старосватот и деверот да се крстени.

Свекорот носи:

  • Една погача – леб
  • Црквено вино
  • Извод на венчаните на младите
  • Венчални бурми
  • Бонбони (завиткани) и ситни пари со кои свекрвата ги префрла при пречекот на црковната врата. Леблебија не се носи

Кумовите носат:

  • Две бели свеќи
  • Дар за покривање на младенците
  • Бонбони и ситни пари за префрлање при излегување од црквата

Дека црквата му посветува големо внимание на семејството зборува фактот дека една од светите тајни е Брак или Венчание. Оваа Света тајна се изведува во два дела веридба (се изведува во припратата на црквата) и венчание, односно овенчување на круните (во внатрешноста на црквата).

Црквата семејството го нарекува мала црква. Светата тајна брак е благословување и осветување на брачна заедница заради создавање на православно семејство, домашна црква.

Бракот е Света тајна кога сопружниците доброволно стапуваат во брак и кога пред свештениците и пред Црквата свечено изјавуваат дека ќе ја чуваат брачната верност. Притоа добиваат благослов што го осветува нивнито сојуз со цел да ја постигнат целта.

Бракот како сојуз е воспоставен од Бога уште во рајот за што читаме во Стариот Завет на Светото Писмо. Но како Света тајна тој е воспоставен дури и од Исус. Тој присуствувал на свадбата во Кана каде што го направил првото чудо. И подоцна во разговорот со фарисеите Исус ќе рече:


„Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидата обата едно тело. А Бог што составил човек да не разделува“.


(Матеј: 19,5-6)  

Во Македонија има бројни свадбени обичаи кои се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село. Меѓу најпознатите е Галичката Свадба која е прерасната во светски позната манифестација, која се одржува секоја година на Петровден (12 јули) во селото Галичник на Бистра.

Галичка Свадба