6 мај 2025
Светиот великомаченик Георгиј
Овој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави с ? заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
Тропар - Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак - Обработен од Бога, ти се покажа како најчесен градинар на верата, и снопови од добродетели собра за себе; откако посеа во солзи, жнееш со веселба; а за борбата што до крв ја водеше, за награда Го прими Христа, и со твоите молитви на сите им даваш прошка на гревовите.
Светиот маченик Лазар Нови
Родум Бугарин од Габрово. Како момче го остави родниот крај и отиде во Анадолија. Таму во едно село Сома, чуваше овци. Но со својата вера го навлече на себе гневот на Турците и еден ага го фрли во затвор. После долги мачења, нечовечно малтретирање, а кое Лазар од љубов кон Христа го поднесе храбро, го убија на 23 април 1802 година. Господ го прими во Своите вечни дворци и го прослави на небото и на земјата. Од неговите свети мошти се случија многубројни чуда.