31 јули 2024
Светиот маченик Емилијан
Во времето на Јулијан Отстапник во тракискиот град Доростол живееше момчето Емилијан, слуга на градоначалникот. Кога царот Отстапник почна со меч и со оган да го сотира христијанството ширум римското царство, во Доростол дојде царски пратеник да ги убива христијаните. Но не најде ни еден единствен. Израдуван од тоа, тој им приреди голема гозба на доростолските граѓани и заповеда големо жртвопринесување на идолите и деноноќна веселба по целиот град. Таа ноќ тргна Свети Емилијан по идолските храмови, по плоштадите и градските улици и со копач ги испокрши сите идоли. Утредента во градот настана ужас. Сите го бараа разурнувачот на нивните богови. Беше фатен еден селанец когошто го видоа тоа утро како минува крај храмот. Кога виде дека ќе пострада невин човек, Емилијан си рече: „Ако го сокријам своето дело, што корист од тоа што го сторив? Зар да се најдам пред Бога како убиец на невин човек?“ Му се пријави, значи, на царскиот намесник и призна с ѐ . Овој разјарен го запраша Емилијан кој го наговори на она дело. Христовиот маченик одговори: „Бог и мојата душа ми заповедаа да ги урнам мртвите столбови што ги нарекувате богови.“ Тогаш судијата нареди да го бијат, а после да го изгорат во оган. Така го заврши својот земен живот Свети Емилијан и се пресели во небесниот на 18 јули 362 година.
Преподобен Памво
Мисирец и подвижник на Нитриската Гора. Современик на Св. Антониј Велики и самиот голем во монашките подвизи. Беше познат особено по две особини: со долго вежбање го заклучи својот јазик да не каже ниеден излишен збор и никогаш не јадеше друг леб освен оној што го заработи плетејќи рогозини со своите раце. Беше сличен на ангел Божји и на старост лицето му светеше како некогаш на Мојсеј, така што монасите не можеа да го гледаат в лице. Ни на најпростите прашања не даваше брз одговор, без претходно да се помоли во срцето и да размисли. Еднаш Александрискиот патријарх Теофил ги посети монасите во Нитрија. Тогаш монасите го молеа Памво: „Кажи му на отецот слово за наѕидување за да му биде на полза“. Молчаливиот Памво одговори: „Ако моето молчење не му е од полза ни моето слово нема да му биде“. Патуваше еднаш Свети Памво со монасите по Мисир. Кога наидоа покрај некоја група луѓе што седеа додека монасите минуваа крај нив, Свети Памво им рече: „Станете и поздравете ги монасите за да примите благослов од нив, зашто тие непрестајно беседат со Бога и нивните усни се свети“. Овој прекрасен светител проѕираше јасно во судбините на мртвите и на живите луѓе. Се упокои во Господа во 386 година.
Преподобните Пајсиј и Исаија
Родени браќа, од богат род. Едниот се посвети на подвиг во пустина, а другиот на подвигот на милосрдност кон луѓето. Свети Памво обајцата ги виде во Рајот. Со ова се реши спорот меѓу монасите околу тоа што е подобро: пустинскиот подвиг или делото на милосрдноста. И едното и другото кога се вршат во името Христово водат во Рајот.
Преподобниот Јован многустрадален
Затворник во пештерата на Свети Антониј Киевски. Триесет години беше мачен од блудната страст, против која се бореше неотстапно, додека не ја победи со Божја помош и со допир на моштите на Свети Мојсеј Угрин (под 26 јули). Кога ја победи оваа скверна страст, Свети Јован беше заблеснат од небесна светлина однатре, со која ноќе можеше да гледа како да е ден.