10 мај 2025
Светиот апостол Симеон
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години. Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина - на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.
Тропар - Тебе, свештеноначалнику Симеоне, и цврст маченику, ние те славиме свештено како близок Христов роднина, којшто ја уништи заблудата, и ја сочува верата. Поради тоа, празнувајќи го денес твојот сесвет спомен, примаме прошка на гревовите, по твоите молитви.
Кондак - Имајќи го богоглаголивиот Симеон како преголема ѕвезда, денес Црквата болска од светлина, повикувајќи: Радувај се, чесен венецу на мачениците.
Преподобен Стефан епископ Владимирски
Ученик на Св. Теодосиј Печерски. Едно време беше игумен на Печерската Лавра. Многу се потруди околу благочиното устројство на монашкиот живот и околу украсувањето на црквите. Но ѓаволот распали кај монасите злоба против него, па не само што го симнаа од игуменството туку и го протераа од манастирот. Бог Кој не ги остава праведниците под долга пониженост од неправедните, го упати животот на преподобниот Стефан така што го избраа за Владимирски епископ. Управуваше со Црквата како Божји архиереј до неговата старост. Мирно се упокои во Господ во 1094 година.
Преподобен Јован Исповедник
Игуменот на обителта на Чистите (Катари). Оваа обител беше устроена близу Никеја во времето на царот Јустин, во 6 век. Свети Јован многу пострада од царевите Лав и Теофил во одбрана на иконопочитувањето и заврши во прогонство околу 832 година.