10 јули 2024
Свети Сампсон Странопримец
Овој светител е роден од богати и прочуени родители во стариот Рим, каде што го изучи сето светско знаење на тоа време, а особено ѝ се посвети на лекарската наука. Како лекар беше милосрден и бесребрен, а на болните им даваше лекови за телото и за душата, советувајќи ги да ги извршуваат заповедите на христијанската вера. Потоа се пресели во Цариград, таму живееше во еден малечок дом од којшто растураше на сите страни, како сонцето зраците на светлината - милостиња, утеха, совети, надеж, лек и воопшто помош за беспомошните, и духовна и телесна. Патријархот чу за добродетелите на овој човек и го ракоположи за свештеник. Во тоа време се разболе царот Јустинијан Велики и неговата болест, според уверувањето на сите лекари, беше неисцеллива. Тогаш царот Му се помоли на Бога со голема усрдност и Бог му откри во сон дека Сампсон ќе го исцели. Навистина, кога дозна царот за Сампсон, го повика на дворецот и само што старецот ја стави раката на болното место, царот оздраве. Па кога царот му нудеше големо богатство за ова, Сампсон се заблагодари, не сакајќи ништо да прими, а рече: „О цару, имав јас и злато и сребро и други имоти, но с ѐ оставив заради Христа, за да ги стекнам вечните небесни богатства“. Но бидејќи царот настојуваше сепак да стори нешто за него, Свети Сампсон го замоли да му изгради дом за ништите. Во тој дом Сампсон им служеше на сиромасите како родител на своите деца. Милоста кон сиромасите и немоќните му беше како природна. Најпосле овој свет човек, сиот исполнет со небесна сила и добродетел, се упокои мирно на 27 јуни 530 година. Го погребаа во црквата на Светиот маченик Мокиј, неговиот роднина. Откако се упокои, многупати им се јавуваше на оние што го повикуваа на помош.
Светиот презвитер Севир
Живееше во средна Италија. Маж со вонредна светост. Еднаш беше повикан за Исповед и Причест кај еден човек на умирање, а задоцни бидејќи работеше во лозјето. Брзо му пратија вест дека болниот умрел. Сиот исплашен, како да го убил човекот, почна горко да плаче над мртвиот. И за неговата усрдна молитва Бог го оживеа мртовецот. Тогаш Севир го исповеда и го причести, го приготви за христијанска разделба со овој свет. Осмиот ден оттогаш човекот повторно умре.
Света Јоана Мироносица
Таа е жена на Хуза, дворјанин Иродов (Лука 8, 1). Кога му ја отсече главата на Свети Јован Крстител, Ирод ја фрли на нечесно место. Јоана ја зеде главта на Крстителот и чесно ја погреба на Елеонската Гора, на еден Иродов имот. Дури во времето на царот Константин Велики се откри чесната глава на Св. Предвесник Јован. Света Јоана се спомнува и како присутна при страдањето и Воскресението на Господ. Мирно се упокои..
Свештеномаченик Јосиф Дамаскин
Светиот Јосиф ал-Хадад се родил во 1793 година, во Дамаск. Неговото семејство било по потекло од Бејрут. Уште од мал се здобил со извесно образование, се запознал со арапското писмо и малку со грчкиот јазик, но набргу бил принуден да го прекине школувањето за да му помага на татко му во работата. Обземен од жедта за знаење, тој дење работел, а ноќите ги минувал изучувајќи го Светото Писмо. По големите усилби што ги вложил во учењето, стекнал длабоки познанија на Божјиот закон. На деветнаесет години Јосиф се оженил, а на дваесет и четири бил ракоположен за свештеник од Антиохискиот Патријарх, а веднаш потоа бил поставен за главен економ на Патријаршијата. Поради апостолската ревност и красноречивоста го добил името „втор Златоуст“. Бил еден од првите следбеници на обновената Антиохиска Православна Црква, која многу векови се наоѓала под муслимански јарем. Убеден дека таква обнова може да започне само на изворите на православната духовност, тој се зафатил со поправање на многу литургиски, светоотечки и евангелски текстови. Изградил школа во Дамаск, која подоцна била наречена со неговото име, и предавал во Баламандската семинарија (1833 – 1840), која денес е универзитет. Живеејќи во сиромаштво, не сакал да зема пари од Црквата. Затоа, неговите деца работеле за да го обезбедат семејството. Во јули 1860 година, за време на колежот на христијаните во Дамаск, сите верници дошле во храмот, кој потоа бил уништен за време на тие настани. Свети Јосиф ги повикал парохијаните на трпение. Следното утро, на 27 јуни/10 јули, кога излегол од дома, упатувајќи се кон храмот со светите дарови, еден муслиман го препознал и викнал: „Тоа е тој, водачот на христијаните. Ако го убиеме него, ќе ги снема сите христијани!“ Муслиманите се нафрлиле на него и го исекле со секири, а со него и многу негови блиски луѓе. Потоа го развлекувале неговото тело на јаже по улиците и го влечеле сe додека не се раскинало на парчиња. Така свети Јосиф го утврдил своето пастирско служење со маченичка крв.