10 јуни 2024
Свети Никита Исповедник, епископ Халкидонски
Во младоста се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг. Блескајќи со добродетелта како сонце, беше забележан од црковните старешини и воздигнат на архиерејскиот престол во Халкидон. Како архиереј беше особено милостив кон бедните и многу се грижеше за сираците, вдовиците и ништите. Кога злочестивиот Лав Ерменин стана против иконите, стана и овој Свети Никита во одбрана на иконите, разобличувајќи го царот и објаснувајќи му го значењето на иконите. За ова претрпе многу понижувања, озлобувања и затварања. Најпосле беше протеран во прогонство заради исповедањето на вистинската вера и сред трудови и страдања се престави кај Господ за да прими венец на слава во Царството Божјо.
Светата маченичка Еликонида
Родена во Солун. Воспитана во христијанското благочестие. Во времето на Гордијан и Филип премина во Коринт, каде што велегласно ги разобличи оние што им принесуваа жртви на идолите. Кога началникот Периниј ја советуваше да му принесе жртва на идолот Ескулап, Христовата маченичка му рече: „Слушај, јас сум слугинка на Христос, а кој е Ескулап не знам. Прави што сакаш.“ За ова беше изведена на суд и мачена со страшни маки. Беше фрлена во оган, но од телото ѝ се излеа толку крв што огнот се угаси, а таа остана жива. Ја фрлија пред лавови, но тие не ја ни допреа, туку се умилкуваа околу неа. Ја пуштија во храм божем да им принесе жртва на идолите, но таа ги искрши сите идоли и со тоа уште повеќе го озлоби мачителот против неа. Кога лежеше во рани во затвор, ѝ се јави Господ со архангелите Михаил и Гавриил, ѝ ги исцели раните, ја утеши и ја укрепи. Потоа беше изведена на губилиште за да биде убиена со меч. Пред да ја убијат ги крена рацете нагоре и Му се молеше на Бога да ја приброи кон овците Негови во небесното трло. Кога ја заврши молитвата, се чу глас од небото: „Пријди, ќерко, за тебе има приготвено и венец и престол!“ Најпосле ја убија со меч и прими венец на слава од Господа, на Кого Му се жртвуваше од љубов, чиста и непорочна како јагне.
Свети Игнатиј, епископ Ростовски
Како архиереј дваесет и шест години управуваше со стадото Христово. Кога умре и му го положија телото в црква, некои го видоа како стана од ковчегот и се крена во воздухот над црквата, ги благослови луѓето и градот, па пак се врати во својот мртовечки ковчег. И многу други чуда се пројавија на неговиот гроб. Се престави кај Господ на 28 мај 1288 година.