2 март 2025
Свети Лав I, папа Римски
Роден е во Италија од благочестиви родители. Најпрво беше ѓакон кај папата Сикст III, а по неговата смрт и покрај неговото противење го возведоа на престолот на римскиот папа. Кога Атила со Хуните дојде близу Рим и се подготвуваше веќе да го разори и запали овој град, Лав излезе пред него во архиерејска облека, го скроти гневот на хунскиот водач и ја оттргна пропаста од Рим. Колку што врз Атила подејствува советот на Светиот човек толку го уплаши и визијата на Светите апостоли Петар и Павле кои стоеја покрај Лав и со пламени сабји му се закануваа на Атила. Овој папа не само што го спаси Рим туку ја помогна и заштитата на Православието од Евтихиевата и Диоскоровата ерес. Таа ерес се состоеше во слевањето на Божествената и човечката природа кај Христос во една и следственото одрекување на двете волји во личноста на Спасителот. Заради ова беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто се прочита посланието на Светиот папа Лав, коешто тој прво го напиша па го положи на гробот на Св. Петар, а Св. Петар го исправи. Пред смртта четириесет дена помина во пост и молитва на гробот на апостолот Петар, молејќи го да му јави дали му се простени гревовите. Апостолот му се јави и му кажа дека сите гревови му се простени, освен гревовите на ракополагањето свештеници (во што се гледа колку тежок е гревот на недостојното ракополагање). Светителот повторно се предаде на молитва с ѐ додека не беше известен дека и тие гревови му се простени. Тогаш мирно Му ја предаде душата на Господ. Свети Лав се упокои во 461 година.
Свети Флавијан
Патријарх Цариградски после Прокло. Современик на Св. папа Лав. Се бореше одлучно против Евтихиј и Диоскор, но не го дочека жив триумфот на Православието на Четвртиот Собор, зашто претходно на еден еретички собор го биеја и го газеа толку бездушно, што таму и умре. Верен војник Христов, храбар бранител и исповедник на православната вера. Се упокои во 449 година.