24 јули 2024
Светата великомаченичка Ефимија
Оваа светителка се празнува на 11 септември, на денот кога пострада. На ова место пак се спомнува чудотворноста на нејзините чесни мошти, пројавена на IV Вселенски Собор во Халкидон. Овој Собор беше свикан во времето на царот Маркијан и царицата Пулхерија во 451 година, по смртта на царот Теодосиј Помладиот. Повод за свикување на Четвртиот Собор беше ереста на Диоскор, патријарх Александриски, и на Евтихиј, архимандрит Цариградски. Тие го распростираа лажното учење дека во Христа да немало две природи, човечката и Божествената, туку само една, Божествената. На овој Собор највидна улога играа цариградскиот патријарх Анатолиј и ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Бидејќи со препирања и докажувања од две спротивни страни не може да се дојде до никакво одредено решение, патријархот Анатолиј предложи и православните и еретиците да го напишат своето исповедање, па да ги положат во ковчегот со моштите на Света Ефимија. Со ова се согласија сите. Двете вероисповедања, значи, беа напишани и ставени на градите на великомаченичката, ковчегот беше затворен и запечатен со царски печат и уште беше поставена војничка стража. Тогаш сите поминаа три дена во пост и во молитва. Четвртиот ден, кога го отворија гробот, го видоа православното исповедање во десната рака на светителката, а еретичкото под нејзините нозе. Така спорот се реши со Божја сила во корист на Православието. Во времето на царот Ираклиј моштите на Света Ефимија беа пренесени од Халкидон во Цариград, во црквата што ѝ е посветена, близу хиподромот. Иконоборниот цар Лав Исавријанин нареди и ги фрлија моштите во морето; но на чудесен начин ковчегот беше пренесен на островот Лимнос и положен во црквата на Светата маченичка Гликерија. Дури во времето на царицата Ирина ковчегот со моштите беше повторно вратен во Цариград на своето старо место. Од овие мошти одвреме навреме течеше крв, којашто им помагаше на болните и на неволните.
Света Елена
Велика руска кнегиња, пред крштението се викаше Олга. Жена на кнезот Игор. Крстена е во Цариград од патријархот Полиевкт. Голема ревнителка на православната вера во Русија. Се упокои во 969 година.
Преподобниот маченик Никодим
Родум од Елбасан. Беше женет и имаше деца. Намамен од Турците го прими исламот и насилно ги преведе своите деца во ислам, освен еден син којшто му побегна на Света Гора и се замонаши. Никодим отиде на Света Гора за да си го врати синот назад, но Света Гора на него изврши таков впечаток, што самиот се покаја, се врати во верата Христова и се замонаши. Три години го оплакуваше своето отстапништво, па најпосле реши да се врати во Албанија, да го окае својот грев таму каде што го изврши. Се врати значи, изјави пред Турците дека е христијанин и беше заклан на 11 јули 1722 година. Неговите чудотворни мошти и денес лежат цели и целебни.
Преподобниот маченик Нектариј
Родум од Вриул во Мала Азија. Во седумнаесеттата година насилно потурчен. Имаше слична судбина како Свети Никодим. Кога како Турчин ѝ се јави на мајка му, таа му свика: „Оди си од мене, не те познавам. Јас те родив како христијанин, а не како Турчин.“ Тој горко се покаја, отиде на Света Гора и се замонаши во скитот на Света Ана. Решен да загине за Христа и да се очисти од својот грев, отиде пак во Вриул, каде што пострада. Заклан од Турците заради Христа во местото на своето раѓање, во дваесет и првата година од неговиот живот, на 11 јули 1820 година.