6 август 2024
Светата маченичка Христина
Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите ѝ го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа. До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо. А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, ѝ го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму. Ѝ ги устрои сите удобности за живот, ѝ даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за секојдневно да им принесува жртви. Но на таа млада душа ѝ беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина. Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог. Милостивиот Бог, Којшто го виде нејзиниот копнеж по вистината, ѝ испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието. Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска јарост кај татко ѝ . Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија истизавањето на Светата девица. Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов сред народот. Неговиот наследник Јулијан ѝ ги отсече градите и јазикот. Маченичката го зеде својот јазик и му го фрли на Јулијан во очи, од што тој одеднаш ослепе. Најпосле нејзините маки за Христа завршија со смрт под остар меч, а нејзиниот живот се продолжи во бесмртното ангелско царство. Света Христина пострада чесно во 3 век.
Преподобен Поликарп, игумен Печерски
Имаше „љубов кон Бога и кон ближните, радост заради непорочната совест, мир во победата над сите страсти, трпение при напасти и беди, благост во покорноста кон сите, милосрдност кон сиромасите, несомнена вера во вршењето на заповедите, кротост во непознавањето на гневот, воздржливост...“ Толку добро управуваше со Киево-Печерската Лавра, што по смртта не можеа да му најдат достоен наследник меѓу монасите (зашто и оние што беа достојни, од смирение не сакаа да го примат игуменството), па браќата беа принудени да го земат за игумен мирскиот свештеник Василиј. Свети Поликарп се упокои во Господ во 1182 година.