8 јуни 2024
Пренос на моштите на свети Георгиј Кратовски
Македонец, од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин. Имал осумнаесет години кога Турците сакале да го потурчат, но останал тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеле со најлути маки и најпосле жив го запалиле. Пострадал за Христос на 11 февруари 1515 година во Софија, за време на владеењето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава. На овој ден се празнува пренесувањето на неговите мошти.
Светиот новомаченик Александар Солунски
Овој Христов маченик беше роден во времето на големата турска тиранија над Солун. Како млад беше прелажан од Турците и потурчен. Во почетокот не го гризеше совеста за таа постапка и тој појде на Ќаба со останатите мухамедански аџии, па стана дервиш. Но како дервиш во Солун почна горчливо да се кае. При ова каење дојде на мисла дека со ништо не може да го симне од себе страшниот грев на христоотстапништво, освен со својата крв. Кога значи се покаја и се реши на мачеништво, излезе пред Турците како христијанин. Турците го фрлија в затвор и го подложија на долги маки. Но Александар постојано викаше: „Како христијанин се родив и како христијанин сакам да умрам!“ Најпосле Турците го осудија на смрт, на што покајаниот Александар многу се израдува, познавајќи од тоа дека гревовите му се простени и дека Бог ја прима неговата жртва. Беше заклан во Смирна во 1794 година и прославен во Црквата небесна и земна.
Светиот апостол Карп
Еден од Седумдесеттемина. Следбеник и придружник на Светиот апостол Павле, од кого беше поставен за епископ на Верија Тракиска. Но го проповедаше Евангелието и на Крит, каде што го прими во својот дом Св. Дионисиј Ареопагит. За него Свети Дионисиј сведочи дека бил човек украсен со чист ум, кротост и незлобливост и дека во визија му се јавил Самиот Господ Исус Христос со Своите ангели и никогаш не ја почнувал Светата Литургија ако немал претходно небесно видение. За името Христово претрпе многу напасти. Најпосле пострада од неверните Евреи коишто го убија, па се пресели со душата во Царството Божјо за вечно да се насладува гледајќи Го Господ во слава.
Светиот апостол Алфеј
Татко на двајца апостоли од Дванаесеттемина, на Јаков Алфеев и Матеј евангелистот. Мирно се упокои.
Преподобен Јован Психаит
Од светот се оддалечи рано во младоста и се повлече во Психаитската Лавра во Цариград. Таму заради љубовта Христова се подвизуваше многу години. Во 8 век претрпе прогонство поради иконопочитување.