Македонската православна црква ја одредила првата недела од месецот октомври како заеднички празник на сите македонски светители. Иако тие си имаат и свои посебни празници, (по еден или повеќе), овој ден е одреден за заедничко сеќавање на сите македонски светители кои во изминатите два милениума на најразлични начини придонесле за афирмацијата на христијанството на овие простори, но и многу пошироко.
Македонските светители се подвизувале на ист начин како и другите од христијанскиот свет, македонските маченици страдале исто како и другите светители и на тој начин се доближувале до својот Спасител. Затоа денес никој нема право на македонскиот народ да му го оспорува правото на своја афтокефална црква, во која на свој јазик ќе ги слави не само своите туку и сите други општохристијански светци. Зашто, како што рекол св. Кирил Филозоф во расправата со тријазичниците: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?…“
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ којашто е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение:
„…стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ʼПремини во Македонија и помогни ни!ʼ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евангелието“.
Дела 16-9,10
Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом.
„Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“.
Дела 16- 15
Потоа и повеќе други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа.
Оттука може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот.
Но, во текот на многуте векови за христијанството страдале и повеќе личности од ова поднебје, па така денес македонскиот народ со посебна почит го празнува споменот на повеќе свои светители (светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски чудотворци, св. Прохор Пчињски, св. Гаврил Лесновски, св. Јоаким Осоговски, св. Ѓорѓи Кратовски, св. Злата Мегленска и многу други).
Во Македонија се подвизувале и страдале и некои други светци коишто потекнуваат од други краишта, како што се св. Еразмо Охридски, св. Јован Владимир (зетот на цар Самоил) и др. а овде се развил и култот и на некои други светители како што бил св. Ахил Лариски, чии мошти царот Самуил ги пренесол од Лариса на островото во Преспанското Езеро кое и името го добило по овој светец.
За Христа Бога страдале многумина Македонци чиј спомен македонскиот народ достојно го почитува и слави.
Листа на Македонски Светители
Веднаш по листата можете да ги прочитате житијата на сите македонски светители.
- Света Лидија
- Преподобниот свештеномаченик Еразмо Охридски
- Свети Ахил Преспански
- Преподобната мајка Синклитикија
- Светиот Цар Јустинијан I
- Преподобен Теофил Исповедник (Струмички)
- Светите Методиј и Кирил Рамноапостолни
- Свети Климент, архиепископ Охридски
- Преподобен Наум Охридски Чудотворец
- Преподобен Гаврил Лесновски
- Светите Петнаесет Тиверополски свештеномаченици
- Свети Јоаким Осоговски
- Светиот отец Григориј Охридски
- Блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски
- Свети Иларион Мегленски
- Свети Јован Кукузел Ангелогласниот
- Свети Дионисиј Костурски
- Преподобен Никодим Прилепски-Тисмански
- Преподобен Нектариј Битолски
- Преподобниот пустиножител Прохор Пчински
- Свети маченик Георгиј Кратовски
- Свети Јаков Костурски и учениците ѓаконот Јаков и монахот Дионисиј
- Преподобен Теофил Мироточив
- Светиот маченик Агатангел Битолски
- Светиот маченик Анастасиј (Спасо) Радовишки
- Светата великомаченичка Злата Мегленска
- Свети Никита Серски
- Свети Акакиј Серски
- Свети Кипријан Слепченски
АНТИЧКО ДОБА
Од античко доба
Света Лидија
Света Лидија е родена во Тијатир (денешен Ак-Хисар), во Мала Азија, во првиот век. А во она време градот Тијатир беше познат по бојаџилниците. Па и оваа богобојазлива Лидија, како што се нарекува во Делата Апостолски (16, 14), беше продавачка на пурпурни ткаенини и бои кога стана прв човек во Филипи, во Македонија (па и во Европа), кого светиот апостол Павле го обрати во верата.
За своето доаѓање во Македонија првиот проповедник на Евангелието за незнабожците беше поттикнат од Светиот Дух во видение. Бидејќи, кога апостолот и браќата што беа со него дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија, но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ … (Дела 16, 7 – 9).
Надвор од градот Филипи при една река, сведочат апостолите во Делата Апостолски, беше едно место каде што доаѓаа од градот оние што имаа обичај да се молат. Меѓу таму насобраните жени Господ ѝ го отвори срцето на богобојазливата Лидија да внимава на зборовите Павлови. А кога се крсти таа и целиотнејзин дом, ги молеше кај неа да живеат Павле и оние што го придружуваа (апостолите Сила и Тимотеј), велејќи: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа.” (Дела 16, 15).
Семејството на Света Лидија и домот на затворскиот стражар пред кого, по молитвите на светите апостоли Павле и Сила, се изврши чудото на отворањето на затворот во Филипи (Дела 16, 26), се првите никулци на Христовата Црква на македонска почва, која оттогаш, по молитвите на апостолите и на оние што по нивните зборови се обраќаа во Христовата благодат, низ многу страдања и искушенија со векови расне и принесува изобилен плод по сите македонски краишта.
Света Лидија се слави на 9 Април.
Преподобниот свештеномаченик Еразмо Охридски
Овој Светител беше родум од Антиохија Сириска и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан (284 – 305 г.). Се подвизуваше на Ливанската гора и достигна такво совршенство што добиваше храна од Бога преку гавраните, а доби од Него и дар на чудотворство. И против негова волја го поставија за архиереј.
Беше полн со Божествена ревност и многу патуваше со апостолски подвиг, секаде проповедајќи го Евангелието и творејќи многубројни чуда. Кога дојде во градот Охрид (тогашна Лихнида), со молитва го воскресна синот на еден човек по име Анастасиј и го крсти. Во таа прилика крсти и многумина други незнабожци во Охрид и ги разори сите идолски жртвеници.
Заради ова го обвинија кај царот Максимијан, којшто во тоа време се наоѓаше во Илирија. Царот испрати по Еразмо свои луѓе и тие му го доведоа. На прашањето на царот кој е и на кој бог му се поклонува, светителот не одговори. Разјарен, тиранот нареди да го бијат по лицето. Тогаш светителот праша зошто го тепаат, а тиранот одговори: „Затоа што не им се поклонуваш на боговите.” „А на кои богови да им се поклонувам?”, праша маченикот. „Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос; а кажи ми ти на кој бог уште да Му се поклонувам.”
Израдуван од овој збор царот го одведе маченикот во храмот на Ѕевс. Откако Му се помоли на Бога, светителот го праша царот: „А на кој бог велиш да му се поклонам?” Царот му ја покажа бронзената статуа на Ѕевс, висока дванаесет стапки, а широка шест. Свети Еразмо погледна мрштејќи се во статуата и, чудо! – во тој миг статуата падна и се искрши на парчиња, а од идолот излезе страшен змеј, кој го исплаши народот. Царот посрамен се врати во својот дворец, а многубројни луѓе, дваесет илјади на број, поверуваа во Христа и Светителот ги крсти.
Потоа Светителот повторно низведе сила и змејот побегна. Известен за сѐ, царот им нареди на војниците да ги убијат сите дваесет илјади луѓе што ја беа примиле христијанската вера. А за свети Еразмо издаде заповед да му облечат усвитена бакарна облека, но со благодатта Божја таа веднаш се разлади и стана дури како мраз. Потоа свети Еразмо го фрлија во затвор, но во затворот му се јави светиот Архистратиг Михаил и го изведе од затворот, како што некогаш го ослободи апостолот Петар.
Потоа овој Божји слуга отиде во Кампанија и таму им го пропоповедаше Евангелието на луѓето. И тука многумина ги приведе кон верата во вистинскиот Бог. По ова рамноапостолниот Христов подвижник Еразмо се врати повторно во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера и во неа се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони на исток и со воздигнати раце Го молеше Бога да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние што со вера ќе го повикуваат неговото име. По завршувањето на молитвата од небото се чу глас: „Нека биде така како што молеше, исцелителу Мој, Еразмо!” Сиот радосен свети Еразмо погледна уште еднаш кон небото и виде како врз него се спушта венец на слава, а хорови од ангели, пророци, апостоли и маченици приоѓаа да ја примат неговата света душа. Најпосле извикна: „Прими го, Господи, мојот дух!” И издивна, околу 303 година. Пештерата со црквичката на свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа сè досега се пројавува големата сила на Божјиот угодник, свештеномаченикот Еразмо.
Свети Ахил Преспански
Овој голем архиереј и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит.
Зеде Свети Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот.
Тогаш Свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година.
Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.
Преподобната мајка Синклитикија
По потекло од Македонија. Воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многумина ја бараа за брак, но таа сите ги одби и побегна од домот на нејзините родители во манастир. Поживеа осумдесет години, во најголемо воздржание, пост, бдеење и молитва.
Нејзините поуки за монахињите се секогаш сметани за вистински духовни бисери, бидејќи света Синклитикија високата духовна мудрост ја стекна не преку книги, туку преку страдање, мака, низ деноноќно богомислие и духовно општење со Божествениот свет. Во тој возвишен свет со душата се пресели во 350 година.
Меѓу другото, говореше преподобната Синклитикија: „Ако е време на пост не оставај го постот божем заради болест, зашто и оние што не постат запаѓаат во исти болести”. Уште велеше: „Како што изложеното богатство брзо го разграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи”.
Светиот Цар Јустинијан I
Светиот византиски цар Јустинијан по род е Македонец, од околината на македонскиот град Скопје. На царскиот престол седна после својот чичко, византискиот цар Јустин. Царуваше од 526 до 565 година. Величеството на овој цар е неразделно поврзано со неговата длабока православност. Јустинијан веруваше во Бога и живееше според својата силна вера. За време на Чесниот Пост не јадеше леб и не пиеше вино, а се хранеше со зелје и пиеше вода, и тоа секој втор или трет ден. Извонреден богослов. Војуваше против дунавските варвари единствено затоа што ги кастрираа заробениците. Ова е само еден од знаците на неговото големо човекољубие. Беше среќен и успешен во војните и во делата. Откако се зацари на византискиот престол, по неговото име Охридската Столица се нарече Јустинијана прима и стекна достоинство на трета по чест меѓу Православните Цркви. Царот Јустинијан изгради многубројни прекрасни храмови ширум Византиското царство, меѓу нив и до денес најпрочуениот меѓу најубавите – Света Софија во Цариград. Ги собра и ги публикуваше римските закони. А самиот издаваше мошне строги закони против развратот и неморалот. Го востанови празникот на Сретението Господово. Ја состави црковната песна Единороден Сине и Слово Божјо, која почна да се пее на Литургија од 536 година. Го свика Петтиот Вселенски Собор во 553 година. На 14 ноември 565 година, во 80 година од својот живот се упокои и се пресели во царството на небесниот Цар Кому на својот земен престол од сесрце Му служеше.
Преподобен Теофил Исповедник (Струмички)
Блажениот Теофил се роди од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, во Македонија. Го крстија кога имаше три години. Еднаш родителите го одведоа на гората Селентија за да земат благослов од светиот старец Стефан. Тој ги благослови родителите и нивното дете Теофил, и откако ги поучи во долг разговор и ги научи на многу духополезни нешта, ги отпушти во мир, а тие се вратија дома. Од тоа време момчето Теофил, со благословот на тој свет старец вознапредува во усрдното изучување на Божествените книги.
Имаше добра и кротка природа. А кога наполни тринаесет години повторно отиде кај преподобниот старец Стефан. Старецот, кога го здогледа светото момче, го запраша: „Зошто дојде, чедо, кај мене?” Теофил одговори: „Ти ме повика, чесен отецу, и јас ги оставив родителите и дојдов кај тебе.” Преподобниот го праша: „А кога те повикав, чедо, и што ти реков?” Момчето рече: „Кога одев по нашето поле, ти ми се јави и кога ме погледна, ми рече: Чедо Теофил, ти се оддалечи од Господ Кој вели: земи го крстот свој и врви по Мене! “ (Мат. 16, 24). Овие зборови го трогнаа моето срце и јас одев по тебе сè до портата на оваа твоја ограда, а кога дојдовме до неа ти стана невидлив и јас се најдов пред заклучена порта. И освен тоа, свет отецу, твојот сегашен глас и говор се истите како оние што ги чув тогаш; тоа исто така ме уверува дека ме повика токму ти, а не некој друг. Затоа те молам, не одвраќај го лицето свое од мене, твојот слуга кој сака да се спаси.”
Кога го слушаше ова преподобниот се чудеше, зашто знаеше дека никаде не излегувал од својата келија. И откако Му заблагодари на Бога за таквиот чудесен призив на целомудреното момче, го прими кај себе. И три години го поучуваше на стравот Божји и го раководеше во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаа тие три години, бидејќи момчето добро се научи на монашките подвизи од својот добар учител, старецот Стефан го повика игуменот од лаврата и му го предаде послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го зеде, го одведе во лаврата и го изврши над него светиот потстриг. Откако прими потстриг Теофил стана искусен монах, украсен со сите добродетели, живееше меѓу браќата како ангел, и им беше од полза на сите.
Откако светителот долги години поживеа испоснички, непријателот на човечкиот род подигна гонење на светите икони, а нивните поклоници преку беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложи на мачење. Овој цар го замрази благолепието на Божјиот дом и ги лиши од украс храмовите Господови: светите икони ги фрлаше во кал, ги газеше со нозе, ги гореше во оган, и мнозина верни ги мачеше и ги убиваше затоа што ги почитуваа иконите. Свети Теофил пак, му се противеше на силникот и сите благоразумно ги поучуваше молитвено да ги почитуваат светите икони и да му се поклонуваат на лицето живописано на нив. Поради ова, царот нареди светиот Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попушти, туку успеа еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во православието. Кога на крајот кнезот Ипатик го ослободи блажениот, збогувајќи се со него говореше: „Вистинити се твоите зборови, чесен старецу. Ќе се погрижам колку што можам да го убедам царот во тоа. А сега јас те пуштам, слободен си, врати се во својата келија.”
На светителот му беше многу жал што не го доврши подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радуваше, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата” (Кол. 1, 24)
Кратко време по ова му беше откриено дека набрзо ќе замине кај Бога. Ги уреди сите манастирски работи, ги поучи браќата, ги благослови, ги целиваше и отиде кај многуљубениот Господ.
СРЕДЕН ВЕК
Од Средниот век
Светите Методиј и Кирил Рамноапостолни
Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер живееше десет години. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија македонската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на македонски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу народот. По неговата смрт – а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година – неговите ученици Петочисленици, на чело со свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Македонците на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.
Свети Климент, архиепископ Охридски
Ученик на светите Методиј и Кирил. По смртта на свети Методиј, Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај.
Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид, свети Климент му подигна црква на св. Пантелејмон.
Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со македонски букви за македонскиот народ. При таа дејност особено му помагаше св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила.
После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на свети Климент и на свети Пантелејмон на Плаошник во Охрид.
Преподобен Наум Охридски Чудотворец
Ученик на светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици.
Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, свети Наум подигна манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните.
Околу свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик.
Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.
Преподобен Гаврил Лесновски
Роден е во Осечкото Поле кај Крива Паланка, од родители богати и благочестиви, блиски на царските советници. Како бездетни, тие деноноќно пролеваа солзи и ги преклонуваа колената пред Бога молејќи Го со тивко срце и просејќи дете. Бог Којшто изобилно ги дарува оние што Го молат, ги услиши и им се роди дете кое беше неискажлива радост за сиот нивен род. Откако го крстија, раснеше и јакнеше во Светиот Дух. Кога дојде време да ги изучува книгите, родителите го дадоа да учи кај учители. Како мошне бистроумно дете за кусо време го изучи Светото Писмо, а особено не ја испушташе од рацете книгата на Евангелието.
Кога дојде време за женидба, родителите го соединија со девојка од добар и царски род. Но светиот ова никако не го сакаше и ги креваше рацете на молитва кон Бога за да му ја сочува девственоста. Деноноќно се молеше, и со молитва ги победи страстите. А по неговите молитви Бог набрзо ја упокои неговата жена. Тогаш како добар ревнител на совршената девственост заради Христа, побара од родителите благослов да си оди од дома за да Му поживее на Господ. Тие го отпуштија со мир, но при првата почивка на патот задрема и сони Ангел Господов кој му рече: „Стани и оди во полето Осечко, на местото што ќе ти го покажам јас; таму ќе подигнеш црква на Рождеството на Пресвета Богородица.” Кога се разбуди светителот се врати кај неговите родители и им раскажа за ова. Од нив доби секакви блага за потребите на оној храм, па отиде и го подигна и го преукраси.
По ова замина во Лесновскиот манастир и се замонаши. Откако го доби благословот на својот игумен, Светителот замина во пустина и поживеа многу денови тихувајќи и во самотност бдеејќи. Таму поживеа близу триесет години и се престави кај Господ.
По извесно време, преку едно видение што му беше дадено на еден смирен и воздржлив монах Јосиф во Софија, моштите на Светителот се пронајдени и донесени во Лесновскиот манастир. Од моштите на свети Гаврил излегуваше силно благоухание како миризба на крин. Од нив многубројни верни добиваа исцеленија од најразлични болести. Чудотворните мошти на Светителот долги години почиваа во таа обител, дарувајќи им помош на сите што им притекнуваа со вера. По извесно време, пред наездата на иноверниот непријател, трновскиот патријарх од страв дека моштите ќе бидат запалени ги зеде и ги пренесе во Трапезир, ги положи во црквата на светите Апостоли во која почиваат до денес, точејќи многубројни исцеленија за Христовите верни.
Светите Петнаесет Тиверополски свештеномаченици
Во времето на владеењето на царот Јулијан Отстапник, кога христијаните беа прогонувани, Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор ја напуштија Никеја и се населија во Солун. Потоа го оставија Солун и се преселија во Тивериопол (Струмица). Тимотеј стана епископ на тивериополската Црква. Комасиј се откажа од војничкиот чин и се замонаши проповедајќи го словото на Вистината во тивериополските села. Евсевиј исто така беше монах којшто луѓето најмногу ги привлекуваше со своите добри дела.
Теодор, епископ, беше еден од триста и осумнаесете богоносни Отци кои учествуваа на Соборот во Никеја. На овие четворица им се придружија и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор коишто беа презвитери, Василиј и Тома коишто беа ѓакони, Еротеј, Даниил и Харитон коишто беа монаси и Сократ кој порано беше војник, но се откажа од сѐ и стана дел од овој добар лик на Отците. И тие, кога се собраа сите заедно, водеа вистински ангелски живот просветлувајќи ги жителите на Тивериопол со светлината на познанието. Кога за ова дозна царот Јулијан испрати луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници беа повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакаа да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш беа осудени на смрт и посечени со меч.
Кога Светиите го завршија својот благочестив живот, нивните чесни тела многу денови стоеја зафрлени бесчесно за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици. Но, Господ ги запази недопрени и неповредени така што оние што ги гледаа Го прославуваа Христа Бога. Подоцна некои христијани се собраа и ги подигнаа со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткаа во чисти плаштаници и откако ги извршија сите служби, ги положија во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на којшто беше напишано името на секого од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа.
И по смртта, Мачениците правеа големи чудеса не само на месните жители туку и надвор од границите на Тивериопол, така што мнозина од Елините познавајќи ја Вистината пристапуваа кон верата Христова и се крштеваа. На тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не остана ниту еден безбожник. А верата се беше распространила и во останатите западни краишта така што Тивериопол стана како некоја кула од секаде видлива, којашто ја раздава и на другите градови светлината на верата и ги враќа од мракот на заблудата оние што се наоѓале во длабокото море на неверието.
Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица.
Свети Јоаким Осоговски
Преподобниот Јоаким се подвизуваше во втората половина на 11 век. Местото на неговиот подвиг е Сарандапор, на Осоговската Планина во близина на македонското гратче Крива Паланка. Затоа понекогаш е нарекуван и Сарандапорски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените Јован Рилски, Прохор Пчински и Гаврил Лесновски.
Бидејќи ревносен за подвижнички живот во осаменост уште од младоста, тој тргна од родниот крај кон пустината на Осоговската гора. Воден од ангел Божји една вечер пристигна во домот на еден бојарин во селото Градец. Во малечката црквичка на тоа село Јоаким најпрво Му се помоли топло на Бога, па седна пред црквата за да се одмори од долгото пешачење. Кога го видоа таму, му пристапија некои бојари, а тој ги замоли да му покажат некое место во планината погодно за осаменички подвизи.
Тогаш бојаринот кој му беше домаќин му укажа на подножјето на Осоговската Планина покрај реката Скупица, зашто таму крај потокот наречен Бабин Дол се наоѓа една пријатна осамена пештера, погодна за животот кој го посакуваше богољубецот. Кога слушна за тоа место свети Јоаким Му заблагодари на Бога и на Пресветата Владичица, па тргна на пат кон местото. Кога стаса на местото наречено Сарандапор, се насели во тамошната пештера и остана во неа до крајот на животот.
Во оваа пештера се подвизуваше мошне усрдно и строго, минувајќи ги деновите и ноќите во непрестајни молитви, бденија, коленоприклоненија, во топли солзи. Пред крајот на земниот живот го посетија некои ловци. Светителот ги благослови и тие тој ден уловија необично богат лов. Потоа преподобниот ги замоли повторно да го посетат, како што тие и направија. Но кога отидоа уште еднаш, го пронајдоа мирно упокоен во Господ. Тогаш чесно го погребаа и потоа доаѓаа на гробот. Преподобниот Јоаким се упокои околу 1105 година.
Во времето на византискиот цар Манојло I Комнен (1143 – 1180) преподобниот Јоаким бeше прославуван многу, па тогаш го обновија и неговото подвижничко катче. Таму пристигна вдовецот свештеник Теодор од Овче Поле, се замонаши со името Теофан и собра многубројни браќа. Подигнаа црква и манастир посветени на свети Јоаким. За прв игумен на братството го избраа јеромонахот Теофан. Нему во сон му се јавил свети Јоаким и му рекол дека сака да се нарекува ктитор на тој манастир. Потоа светителот му го открил на игуменот местото на своите свети мошти, па му покажал и дрво во шумата од кое побарал да му направи ковчег и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот. Сето тоа отец Теофан го изврши со беспрекорно послушание и браќата со свечена литија ги пренесоа моштите на Преподобниот во манастирот. Светите мошти ги положија во црквата посветена на свети Јоаким и крај нив почнаа да се случуваат многубројни чуда, како во тоа време така и подоцна, до нашите дни.
Свети Григориј Охридски
Благочестив учител и пастир на стадото Христово. Во еден натпис на црквата Света Софија во Охрид се нарекува Григориј премудриот, кој премудро го поучува народот на богопишаните закони. Се упокоил во Господ 1012 година.
Блажениот Теофилакт Охридски
Тој е роден на островот Еврип, а воспитан е во Цариград, кај најпрочуените учители на тоа време. Како клирик на Великата Црква и наспроти неговата волја го избраа за епископ и го испратија во Охрид, каде што помина околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 г. до 1108 г.). Хоматијан Охридски го нарекува „најмудриот епископ”. Човек со огромно образование, светско и богословско, со префинет византиски вкус, меланхоличен и чувствителен.
Напишал „Толкувања” на сите четири Евангелија и на другите книги на Новиот Завет. Тие се најдобро дело од тој вид после оние на Св. Јован Златоуст, па денес се мошне драгоцени и корисни. Од останатите негови дела уште се познати „Писмата “ и „Животот на Св. Климент Охридски”.
На старост Теофилакт се повлече од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, го завршил животот и преминал во блажената вечност.
Свети Иларион Мегленски
Роден е од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молеше на Бога да ѝ даде едно дете и по нејзините молитви ѝ се јави Пресвета Богородица и ја утеши со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имаше три години, од неговите усни непрестајно се слушаше песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“
Добро школуван, тој се замонаши во својата осумнаесетта година и основа манастир со типикот на Св. Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј во 1134 година го ракоположи за епископ Мегленски.
Св. Иларион речиси сиот живот водеше голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрами сите и мнозина од нив ги приведе кон Православието. Се упокои мирно во Господ во 1164 година.
Свети Јован Кукузел
Не е познато дали најзначајниот псалт на византиската Црква после Св. Јован Дамаскин, Светиот Јован Кукузел, живеел во 12 или во 15 век. По потекло е Македонец од западните краишта.
Уште во младоста бил прифатен и однегуван во престижната музичка школа во Цариград во она време. Познат е како слаткопоен пеач и маестрален теоретичар. Од неговото житие е очигледно дека првата грижа на неговиот живот било духовното совршенство, заради кое ги оставил славата и суетата на царскиот дворец во Цариград, каде уживал голема чест и име на ангелски пеач,за да замине во пустината на Света Гора во која засекогаш останал и му го посветил својот дар на увото Божјо.
Својот извонреден талент го преумножил оставајќи зад себе исцрпна теорија на црковната музика. Неговите ракописи и денес ги чува Лаврата на Света Гора и ја сведочат ангелогласната слава на смирениот светогорски монах во вид на драгоцен ракопис и ремек дело кое до денес предизвикува вонредна почит. Неговиот главен труд се состои во две книги од кои првата е редослед од црковни песни запишани во ноти, за црковните богослужби од почетокот на вечерната до крајот на Литургијата.
Насловот на втората книга е: Псалтичката уметност и псалтичките знаци со цела хирономија и композиција, составено од мајсторот Јован Кукузел.Пишувал и текстови за црковни песни, но посебна реткост претставува восовршениот систем на мелодиите на црковните песни за чии потреби претходно извршил соодветна модификација на музичките знаци.
Неговите неуми произлегуваат од оние на старите псалти, само што се збогатени и покомплицирани. Со разновидни синтези од музички знаци, Св. Јован Кукузел развил визуелен приказ за најтенкосетни уметнички ситуации. Често ги поткрепувал со дополнителни дидаскалии. Неговиот ангажман околу квалитетот и бројноста на неумите остави значајни траги во византиската музичка семиографија.
Свети Дионисиј Костурски
Роден во селото Горица, Костурско. Се подвизувал најпрво како монах на Света Гора, а потоа се повлекол во пустина. Живеел во 14-от век и починал кога имал 72 години.
Преподобен Никодим Прилепски-Тисмански
Роден е во македонскиот град Прилеп. Тој е еден од многубројните плодоносни изданоци на велелепната лоза на Синаитите, кои поттикнати од својот предводник и светилник, преподобниот Григориј Синајски, им го предаваа словото за умносрдечната молитва Исусова на оние што имаа жед да си ги очистуваат срцата со Божествениот оган, та да живеат и да умираат само за Господа.
Од детството беше воспитан во побожност и во секое целомудрие. Како многу надарено момче ревносно им се посвети на науките од она време, особено на Божествената наука на Светото Писмо и на православната теологија. Од сесрце го засака монашкиот живот и Го молеше Бога да го удостои со монашки чин. Бог му ја исполни оваа желба испраќајќи кај него некои монаси од светогорскиот манастир Хиландар. Тој веднаш замина со нив на Атос, каде се замонаши и брзо се извиши со својот рамноангелен подвиг, па беше удостоен и со свештенички чин.
По смртта на игуменот, како монах совршен во добродетелите и исполнет со секое Божествено и човечко знаење, за игумен еднодушно го избраа свети Никодим. Бидејќи голема духовна светилка, им беше познат и омилен на балканските подвижници и црковни пастири од она време. А по неиспитливите патишта Божји, замина од Света Гора во Србија, каде светиот кнез Лазар сакаше да го издигне на висока духовничка позиција. Желен за молитвено тихување во осаменост, блажениот му заблагодари на премудриот кнез, но го одби, а се насели во близината на Кладово, покрај Дунав. Тука на пастирот кој повеќе сакаше да се потпре на десницата Божја отколку на почитта на чесниот овоземен кнез, Самиот Бог повторно му донесе стадо кое постојано раснеше во Духот и се умножуваше.
Имено, со својот возвишен живот свети Никодим и овде заблесна толку многу, што околу него се собраа многубројни монаси од Света Гора и од други краишта на Балканот. Тука подигна црква посветена на Пресвета Троица и во новоустроениот манастир го воведе подвигот на светогорските исихасти. Потоа по Божјо откровение со дел од браќата од манастирот кај Кладово премина на другата страна на Дунав и се насели во Угровлашките краишта, во северински Банат, близу денешниот град Тур-Северин во Романија. Заедно со овие монаси на реката Водица свети Никодим устрои прекрасен манастир посветен на свети Антониј. Во 1374 година влашкиот господар Владислав-Влајка Воде со повелба ја потврди самовласноста на манастирот на свети Антониј на Водица.
Заради неговата извонредна ученост и мудрост, повикан од кнезот Лазар свети Никодим ја помагаше дипломатската мисија за помирување на Српската и Цариградската Патријаршија. Потоа во Влашка, со помош на влашкиот војвода Раду I (1377 – 1384 г.), го подигна големиот манастир Тисман, кој се наоѓа на реката Тисман, а Ѝ е посветен на Пресвета Богородица.
Свети Никодим устрои уште неколку цркви и манастири во Романија (црквите Вратну и Монастирицу и манастирот Прислоп). Сите негови манастири станаа духовни расадници на монаштвото и на духовниот живот во Влашка, Молдавија и воопшто за цела Романија. Затоа православните Романци свети Никодим го почитуваат како свој просветител, а го именуваат со благодатното име Осветен. Се упокои во Господ на 26 декември 1406 година во манастирот Тисман, каде што до денес почиваат неговите Свети мошти.
ТУРСКО РОПСТВО
За време на турското владеење
Свети Нектариј Битолски
Роден е во Битола. Неговите родители беа побожни и праведни пред Бога. На Крштението му го дадоа името Никола. Кога еднаш се закануваше опасност Агарјаните да го заземат нивниот град, мајка му Ја виде во сон Пресвета Богородица како ѝ вели да тргне со мажот и со детето и брзо да побегнат оттаму за да се скријат. Бидејќи го прими видението како од Бога, мајката на Никола направи како што ѝ беше кажано. Набрзо потоа Турците навистина дојдоа, го зазедоа градот и на христијанскиот народ му нанесоа големо зло.
Кога оваа наезда помина и се смирија борбата и нередите, родителите на Никола излегоа од своето засолниште заедно со децата живи и здрави и Му благодареа на Бога и на Пресвета Богородица за спасението, но беа нажалени заради страдањата и ропството на своите браќа христијани и затоа што татковината им беше поробена.
Таткото на Никола беше веќе стар, па се договори со жена му да го напуштат животот во светот. Со двете машки деца, од кои едното беше овој Свети Нектариј, замина во манастирот на Светите Врачи (Бесребреници) Козма и Дамјан кај Битола, во подножјето на блиската гора. Таму таткото се замонаши под името Пахомиј и се подвизуваше заедно со синовите.
Младиот Никола се разгоре со голема љубов кон Христа, и набрзо сосем го остави светот и отиде на Света Гора Атонска. Таму најде еден искусен и добродетелен Старец по име Дионисиј, наречен Јагари, родум од Цариград.
Старецот Дионисиј го прими кај себе благочестивиот Никола и го приведе за благослов кај својот Старец Филотеј Јагари, кој беше проѕорлив. Кога Никола стапи пред него, Старецот Филотеј му се обрати, велејќи: „Ти си, чедо, Никола, син на Пахомиј, и сакаш да останеш да живееш со нас.” Кога го слушна ова Никола се изненади и праша: „Откаде знаеш чесен отецу ти за мене?” Старецот му рече: „Бог на нашите отци, чедо, Кој те испрати кај нас, Тој ми откри за тебе.” Восхитен од ова, Никола остана кај тие добродетелни Старци и се трудеше кај нив со најголема љубов и ревност. Подвизувајќи се така наскоро прими и потстриг, а на монашењето го доби името Нектариј.
Оттогаш светиот млад човек се предаде на уште поусрдни подвизи за духовно напредување.
По долги години подвижништво, најпосле, откако ги победи човечката завист, демонските напади и телесните болести, преподобниот Нектариј се пресели во Царството на својот Бог, на 5 декември 1500 година. Неговите мошти ги пренесоа после четири години и најдоа дека се нетлени и благомирисни. Тие и денес почиваат на Света Гора во келијата во којашто се подвизуваше. По неговите Свети молитви Господ и нас да нѐ помилува. Амин.
Преподобниот пустиножител Прохор Пчински
Роден е во едно македонско село во Овче Поле, од благочестиви родители. Тие, Јован и Ана, немаа деца и непрестајно Го молеа Бога да им даде дете, машко или женско. Беа благородни и се плашеа од Господ. Даваа милостиња и сиот имот им го делеа на сиромасите. Бог ја виде желбата на нивните срца и им ја исполни: им се роди син. Се зарадуваа со голема радост, го крстија и го нарекоа Прохор.
Kога порасна, родителите почнаа да му зборуваат за женидба. Обајцата му здодеваа со истите зборови: „Синко, да бараме девојка за тебе, за да имаме наследник на имотот.” Од ова светителот се збуни и отиде во Божјата црква за да се помоли, барајќи од Бога да го упати на патот на спасението. А кога за време на богослужењето дојде мигот да се чита светото Евангелие, ги чу зборовите со кои Христос вели: ’Кој сака татко или мајка повеќе од Мене не е достоен за Мене; оној кој сака да го земе крстот свој и да врви по Мене, ќе прими стократно и ќе наследи живот вечен.’
Kога излезе од црквата почна да бега кон планината. Kако елен што трча кон изворите горски така трчаше свети Прохор кон пустината. Во гората најде мала пештера и извор вода покрај неа и се всели таму како во царски дворец. Можеби пештерата навистина се наоѓа во Старо Нагоричино, како што воспева Црквата во службата за свети Прохор. Овде се хранеше со зелје и со корења од треви, и тоа еднаш во седмицата. Кој би можел да ги искаже неговите страдања, и солзите, и подвизите зиме и лете изложен на голата земја! Во пештерата остана триесет и две години и не виде човек, а живееше единствено со ѕверовите.
Еднаш по Божја Промисла Светителот седеше пред својата пештера и при него дојде една срна, задишана и изморена. Кога го погали животното, преподобниот Прохор го запраша: „Зошто си изморено, чедо?” Ова животно го гонеше ловецот Диоген. Штом се приближи до пештерата и го виде старецот со срната крај неговите нозе, ловецот се сепна и засрамен почна да бега. А старецот го повика по име: „Диоген, не бегај, а врати се, и јас сум човек.” Кога чу дека старецот го знае неговото име, Диоген се преплаши и од страв падна пред неговите нозе, просејќи благослов. Старецот го благослови и му рече: „Диоген, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе се издигнеш на престолот, облеката што ја носиш сега положи ја во посебна одаја и навраќај почесто таму за да се сеќаваш на мене, старецот којшто ти претскажа за овој дар.”
Си отиде Диоген од Светителот, чудејќи се во себе, а потоа заборави на зборовите од старецот.
По некое време тој повторно му се јави на Диоген и му рече: „Оди во Цариград и биди цар, но не ме заборавај и мене.” Тогаш Диоген отиде во Цариград и кога пристигна таму виде мноштво народ насобран за да избере цар. И Диоген се скри од очите на народот. Во тој миг патријархот застана на едно високо место. Преподобниот Прохор пак, му ја откри на патријархот Промислата за Диоген. Патријархот го побара меѓу мноштвото и не го најде. Кога најпосле го најдоа, фрлија жребка за Диоген, а народот рече: „Не сакаме тој да ни биде цар”. Но жребката падна на Диоген. Фрлија по вторпат и третпат, и се повтори истото. Тогаш го поставија за цар Диоген. А тој, штом стана цар ја соблече онаа своја облека за која свети Прохор му рече да ја чува за спомен и ја стави во една внатрешна одаја заборавајќи на Светителот.
Триесет години по ова преподобниот Прохор му се јави на царот Диоген во сон и му рече: „Зошто ти Диоген ги заборави своите некогашни облеки и мене, старецот што го виде во пустината? Погрижи се да ми подигнеш макар една црквичка.” Така царот, барајќи го местото на подвигот на Божјиот угодник, во Нагоричино, му подигна црква.
Потоа, сепак многу тагуваше зашто не знаеше точно каде почиваат неговите мошти. За ова усрдно му се молеше на свети Прохор да му открие за нив. Преподобниот му се јави во сон и му рече да ги побара неговите мошти во Козјачката пустина. Тогаш царот Диоген и сите што беа со него, постапија според зборовите на Светителот и навистина ги најдоа неговите нетлени мошти. Царот и оние со него паднаа поклонувајќи се пред моштите на свети Прохор. По кратко време, царот нареди да се подигне нова црква, покрај реката Пчиња, во која до денес нетлено почиваат светите и чудотворни мошти на свети Прохор, кои изобилно точат од себе исцелително миро.
Новоподигнатата црква ја осветија во присуство на царот Диоген и на многуброен народ. Царот пак, ја зеде со себе левата рака на Светителот и ја понесе во Цариград. Покрај црквата се устрои манастир, а телото на светиот подвижник Прохор Пчински мироточи на голема утеха на обителта што низ вековите се преобновува таму по молитвите на Светителот и со љубовта на верниот народ којшто таму наоѓа исцеление и спокој, со вера надевајќи се на Бога Кој ја излева Својата слава над светиите што Го љубат неотстапно. Амин.
Свети маченик Ѓорѓи Кратовски
Роден во 1497 г. во градот Кратово во Македонија. Го владеел златарскиот занает, а во душата бил прекален и богобојазлив Христов војник.
Кога имал 18 години, Турците (коишто во тоа време, владееле со целата област на денешна Македонија), сакале Ѓорѓи да премине во муслиманската вера и да се потурчи.
Но, светиот Ѓорѓи останал непоколеблив на браникот на христијанската вера. По долготрајно измачување, и наговарање да ја смени верата, тој, откако не отстапил, бил жив запален во градот Софија, на 11 февруари 1515 година, во времето на турскиот цар Селим, удостојувајќи се со венец на маченик.
Свети Јаков Костурски и учениците ѓаконот Јаков и монахот Дионисиј
Свети Јаков Костурски потекнува од едно село во Костурската епархија, од родителите Мартин и Параскева.
Работејќи со овци Јаков се збогати и со тоа предизвика завист кај својот брат, којшто го наклевети кај Турците како да нашол некое скриено богатство закопано во земја. Јаков побегна во Цариград, каде што повторно се збогати. Еднаш му беше гостин на некој турски бег. Турците јадеа месо, а Јаков постеше. Тогаш му рече оној бег: „Голема е вашата христијанска вера“. И раскажа дека неговата жена била умоболна и дека после сите лекари и лечења на крајот ја одвел кај патријархот за да ѝ прочита молитва.
Штом патријархот ја отворил книгата за да ѝ чита, низ храмот светнала некоја небесна светлина. По завршувањето на молитвата жената оздравела. Кога слушна Јаков како Турчинот ја фали христијанската вера, го раздаде сиот свој имот и отиде на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Ивер.
Светиот маченик загинал со маченичка смрт, на почетокот на 16 век. Бил убиен од Турците во Едрене на 1 ноември 1520 година. Со него биле убиени и неговите браќа по вера: ѓаконот Јаков и монахот Дионисиј, поради тоа што не сакале да го примат исламот. Неговите чудотворни мошти почиваат во манастирот на Свети Анастасиј во село Галачист близу Солун.
Преподобен Теофил Мироточив
Родум од Македонија, од селото Зики. Многу учен човек и голем подвижник. Цариградскиот патријарх Нифонт му порача да отпатува во Александрија и да испита дали е вистина дека патријархот Јоаким поместил гора и испил отров без да му наштети.
Кога се увери во вистинитоста на овие чуда, Теофил се врати на Света Гора, каде што се подвизуваше најпрво во Ватопед, па во Ивер и најпосле во келијата на Свети Василиј близу Кареја. Овој свет човек ја одби понудата да го прими солунското архиепископство. Со длабоко безмолвие, богомислие и срдечна молитва, успеа да си го очисти умот од сите страсни помисли, па стана чист сад на Светиот Дух и во него живееше Христос.
Пред смртта му нареди на својот ученик Исаак кога ќе умре да не го погребува, а да го врзе со јаже за нозете, да го одвлечка и да го фрли во потокот. Со голем страв ученикот така и направи. Но Божјата Промисла ги откри моштите на Свети Теофил и кога ги пренесоа во келијата, почнаа да точат чудотворно миро. Се упокои на 8 јули 1548 година.
Светиот маченик Агатангел Битолски
Овој македонски светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта Агарјаните имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел.
Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен.
Но Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам.
Но Бог, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33 )
Светиот маченик Анастасиј (Спасо) Радовишки
Роден е во Радовиш, денес гратче во Струмичката епархија (древниот Тивериопол). Родителите го научија на Светата вера од малечок, па го дадоа на занает. Свети Анастасиј го изучи во Солун оружарскиот занает, а еднаш, кога имаше дваесет години, отиде да го посети својот мајстор-учител, кој во таа прилика го замоли за една услуга. Имено, мајсторот поседуваше неколку турски костими што сакаше некако да ги продаде под рака, без да плати царина.
За ова го наговори својот поранешен ученик да облече една од оние облеки и во неа да излезе од градот. „Изгледаш како прав Турчин”, му велеше мајсторот. Иако ја чуствуваше опасноста од потфатот, од добродушност и од желба да му помогне на учителот, се согласи да го изврши побараното.
Сепак собирачите на данок го запреа на градските порти и му побараа писмена потврда за платен данок за облеката. Младиот Анастасиј им одговори дека е Турчин. За доказ тие од него побараа да прочита салеват, мохамеданска молитва. Тоа за него беше неочекувано барање и го збуни. Тој молчеше, или затоа што не сакаше да го произнесе исламското исповедање на верата, или затоа што не знаеше што е тоа салеват.
Тогаш цариниците со ќотек го одведоа кај началникот. Овој, откако го сослуша Анастасиј, му предложил да се потурчи. Но младиот човек беше далеку од тоа да се согласи со таков предлог. Кога ги чу неговите одговори, чиновникот го одведе кај главниот цариник. Овој пак, од почетокот се трудеше да го прелаже со ветувања и со награди за да го прими исламот, но по ова премина на закани. Анастасиј беше непоколеблив. Го признаваше својот граѓански прекршок, но никако не се согласуваше да си ја смени верата. Откако бил жестоко измачуван, бил ставен во окови и фрлен во затвор.
Во текот на долгото и исцрпувачко измачување, Анастасиј неотстапно повторувал:
„Јас сум христијанин и нема да се одречам од мојата вера.”
Градоначалникот го осудил на смрт со бесење надвор од градот, но пак ги наговорил своите луѓе на патот кон губилиштето да не престанат да го наговараат да го прими исламот. Претстојната смрт не ја менувала одлуката на страдалникот. На патот кон губилиштето, измачен и истоштен, му го предал духот на Бога, на 29 август 1794 година.
Светата великомаченичка Злата Мегленска
Светата девица и маченичка Злата родена е во селото Слатина во Мегленската област, од сиромашни родители селани, кои имаа уште три ќерки. Света Злата беше скромна, кротка и побожна девојка, мудра со мудроста Христова и златна не само по името туку и по чистото и богобојазливо срце. При сето тоа беше и необично убава. Оваа нејзина убавина беше повод животот да ѝ се закити со страдања на великомаченичка.
Еден тамошен Турчин, опрелестен од нејзината ретка телесна убавина, се распали со сатанска љубов кон неа и демнеше згодна прилика за да ја задоволи својата гнасна страст. Еден ден Злата отиде со другите жени во шумата по дрва. Сладострасниот Турчин дозна за тоа, наговори некои бесрамни Турци слични на себе, па со нивна помош ја фати и на сила ја одведе во неговата куќа. И најнапред се обиде да ја наведе да се потурчи со крупни ветувања, давајќи ѝ збор дека ќе се ожени со неа; во спротивно, тој ќе ја подложи на страшни маки.
Поразена од бесрамноста, таа одлучно одби и остана храбра и бестрашна. И откако го повика на помош името на Господ Исус, рече бодро: „Јас верувам во Христа и Нему Му се поклонувам, и Него единствено Го знам за мој Младоженец; од Него нема да се одречам никогаш, макар вие да ме ставите на илјада маки и на парчиња да ме исечете.”
Кога слушнаа такви одлучни зборови Турците видоа дека оваа девојка не можат да ја придобијат со обични средства, а дека треба да се измисли нешто особено. И знаејќи дека жените се спретни да ги занесуваат девојките, им ја предадоа Злата на нивните жени за да ја придобијат на секој начин на она што го сакаат тие. А што сѐ не направија жените! Какви сè не уживања ѝ ветија! Цели шест месеци се трудеа околу неа за да ја натераат да го прими исламот. Но сè им беше залудно, зашто блажената Злата беше цврста и непоколеблива љубејќи Го Христа.
По ова Турците ги повикаа родителите и сестрите на девојката и страшно заканувајќи се им наредија: или да ја натераат ќерка им да се потурчи или тие ќе ја убијат, а нив ќе ги подложат на маки и ќе им го одземат имотот. Преплашени, родителите и сестрите почнаа да ја наговараат да се потурчи и горко плачејќи ја молеа со солзи: „Сожали се на себе, ќерко, и на нас, твоите родители и на твоите сестри, сите ќе пропаднеме заради тебе и ќе нè уништат. Откажи се од Христа привидно, за да бидеш среќна и ти и ние. А Христос е милостив, ќе ти го прости гревот сторен во животна опасност.“
Запрепастена и нажалена, но преисполнета со пламенот на љубовта Христова, витешката душа на Света Злата не даде да биде победена со демонски стапици, но се воздигна над солзите на родителите и сестрите: „Штом ми советувате да се одречам од вистинскиот Бог Христос, не сте ми повеќе родители ни сестри. Имам татко – Господ Исус Христос, и мајка – Пресвета Богородица, и браќа и сестри – светителите и светителките“.
Кога увидоа Турците, особено нејзиниот грабнувач, дека сите лукавства што ги употребија не помагаат, прибегнаа кон мачење, толку страшно, што би можеле да се поколебаат и најхрабрите луѓе. Но светата маченичка трпеше мошне јуначки, крепена со силата на Крстот и со срдечната љубов кон Господ Христос. Зашто, како што вели Симеон Метафраст: душата, врзана за Бога со оковите на љубовта, страдањето не го смета за ништо, им се радува на болките и цвета во маките.
Најпосле бездушните Турци ја обесија страдалницата на дрво и целата ја исекоа на ситни парчиња. Испитана и очистена како злато во топилницата на сите оние страдања, Света Злата ја предаде нејзината душа во рацете на својот Бесмртен Женик и од Него доби двоен венец: венец на девственост и друг, на мачеништво. И сега се радува во рајските населби заедно со мудрите и добропобедни деви и блаженствува во прекрасното Царство на Господ Христос, славејќи Го во сите векови. По нејзините молитви да се удостоиме и ние со Небесното Царство.
Парчињата од чесните мошти на Светата великомаченичка Злата христијаните ги собраа тајно, па чесно и побожно ги погребаа.
Света Злата пострада во октомври 1795 година.
Свети Никита Серски
Македонец од Албанија. Долго време престојувал на Света Гора од каде заминал за Серез, со намера маченички да пострада за Христа.
Таму бил затворен од Турците затоа што го проповедал христијанството меѓу муслиманите. Бил жестоко мачен и умрел во април 1808 година.
Свети Акакиј Серски
Познат и како свети Акакиј Солунски. Неговото крстено име било Атанасиј. Родум од селото Ново Село во Македонија, близу Солун. Кога Атанасиј имал 9 години, неговите родители, заедно со целото семејство се преселиле во градот Сер.
Свети Акакиј бил уапсен од Турците кога почнал јавно да го велича Христос и тоа среде Цариград. Веднаш бил затворен, мачен и убиен, со отсекување на главата. Пострадал во 1815 година.Свети свештеномаченик Кипријан Слепченски
Свети Кипријан Слепченски
Свети Кипријан бил игумен на манастирот посветен на светиот Јован Претеча во Слепче, во времето на турското владеење, во 18 век. Во 1780 година, на Велик четврток, манастирот бил нападнат од турски разбојници, од кои Кипријан претрпел големи мачења.
По нивното заминување, тој поживеал уште три дена, речиси полумртов. Од жестоките мачења се упокоил на денот на Христовото Воскресение.
Во 2017 година Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква одлучи дека Свети Кипријан Слепченски ќе биде прогласен за светец.