19 јули 2024
Преподобен Сисој Велики
Родум Мисирец и ученик на Св. Антониј. После смртта на својот голем учител Св. Сисој се насели на пустинската гора наречена Антониева според местото на подвигот на великиот светител. Земајќи врз себе тешки подвизи толку се скроти самиот себеси, што стана незлоблив како јагне. Затоа Бог му даде голема благодат. Можеше да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Свети Сисој се подвизуваше шеесет години во пустината и беше како извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што му притекнуваа барајќи поука. Пред смртта лицето му заблеска како сонце. Монасите стоеја околу него и ? се восхитуваа на оваа појава. А кога светителот ја испушти душата, одајата се исполни со прекрасно благоухание. Се упокои во длабока старост, во 429 година. Ги учеше Св. Сисој монасите: „Какво искушение и да го снајде човекот, тој треба да ? се предаде на волјата Божја и да признае дека искушението се случило заради неговите гревови. Ако пак се случи нешто добро, треба да се каже дека станало по Божја Промисла“. Монах го праша авва Сисој: „Како да Му угодам на Бога и да се спасам?“ Му одоговори светителот: „Ако сакаш да Му угодиш на Бога, излези од светот, оддалечи се од земјата, остави ја тварта, пристапи кон Создателот, соедини се со Него со молитва и со плач и ќе најдеш спокојство и во овој и во оној век“. Монах го запрашал авва Сисој: „Како да го достигнам смирението?“ Му одоговори Светителот: „Кога некој ќе се извежба да го признава секој човек за подобар од себеси, ќе го стекне со тоа смирението“. Амон му се жалел на Сисој дека не може да ги запомни мудрите изреки што ги прочитал и да ги повтори кога разговара со луѓето. Му одговорил светителот: „Тоа не е нужно. Потребно е да се стекне чистота на умот и да се зборува од таа чистота, полагајќи ја надежта во Бога“.
Тропар - Пустински жител, и во тело ангел, и чудотворец си се покажал, богоносен оче наш Сисое. Откако со пост, бдеење, молитва прими небесни дарови, ги исцелуваш болните, и душите на оние што со вера приоѓаат при тебе. Слава Му на Оној што ти даде крепост; слава на Оној што те овенча; слава Му на Оној што, преку тебе, на сите им дава исцеленија.
Кондак - Откако се подвизуваше, на земјата си бил виден како ангел кој постојано ги озарува мислите на верните со Божји знаци. Затоа со вера те почитуваме, преподобен Сисое.
Светите маченици Марин и Марта и нивните синови Авдифакс и Авакум, свештеникот Валентин, Кирин, Астериј и многумина други
Сите пострадаа во времето на царот Клавдиј Флавиј во Рим, 269 година. Марин и Марта беа богати луѓе од Персија, па го продадоа сиот свој имот во Персија и заедно со своите синови дојдоа во Рим да им се поклонат на моштите на Светите апостоли и на сите маченици. Кога царот ги праша зошто дошле од толку далеку оставајќи ги своите домашни богови за да бараат во Рим мртви луѓе, тие му одговорија: „Ние сме слуги Христови и дојдовме да им се поклониме на Светите апостоли, чии бесмртни души живеат со Бога, сакаме да бидат молитвеници за нас пред Христос, нашиот Бог.“ Кирин беше фрлен во Тибар; оттаму Марин и Марта го извлекоа неговото тело и чесно го погребаа. Свештеникот Валентин му беше предаден на некој војник Астериј, којшто требаше да го посоветува да се одрече од Христа. Но Валентин со молитва ја исцели Астериевата ќерка којашто беше слепа две години и го крсти Астериј и сиот негов дом. Сите тие на различни начини примија маки и смрт за Господ Христос, Којшто ги прими во Своето бесмртно Царство за да се радуваат во сите векови.
Наоѓање на моштите на Светата девица Јулијанија
Ќерка на Олшанскиот кнез. Умрела околу 1540 година, како девица на шеснаесет години. Двесте години по нејзината смрт копачи на нов гроб крај големата црква во Киевската лавра наидоа на моштите на оваа Света девица, а тие беа сосема цели и нетлени, како штотуку да заспала. Од моштите се јавија многубројни чуда, но и самата Јулијанија повеќепати им се јави на некои. Едно такво видение имаше и прочуениот Петар Могила.
Светата маченичка Лукија
Во Кампанија ја зароби варварскиот цар Авциј. Сакаше да живее со неа, но таа му се спротивстави. Царот ја остави да се подвизува во мир. Таа го обрати во верата, откако тој по нејзините молитви извојува победа во војна. Најпосле заедно со царот пострада за Христа во Рим околу 300 година.