16 јули 2024
Светиот маченик Јакинт
Млад дворјанин на царот Трајан, потаен христијанин. Еднаш додека царот со сите свои дворјани свечено им принесуваше жртви на идолите, Јакинт изостана од оваа скверна свеченост. Затоа беше обвинет и изведен пред царот на суд. Царот го советуваше да се откаже од Христа и да им принесе жртви на идолите. Но Јакинт остана тврд како дијамант, велејќи му на царот: „Јас сум христијанин, Христа Го почитувам, Нему Му се поклонувам и Нему Му се принесувам како жртва жива самиот себеси“. Избиен, исплукан, истружен, овој Свет маченик беше фрлен во затвор. На заповед на царот не му даваа да јаде ништо, освен од идолските жртвоприноси. Но Јакинт тоа не сакаше да го јаде и за осум дена умре. Стражарите во затворот видоа двајца светли ангели: едниот го покриваше телото на маченикот со својата пресветла облека, а другиот полагаше прекрасен венец врз неговата глава. И сиот затвор стана светол и миризлив. Момчето Јакинт пострада чесно во 108 година.
Свети Анатолиј, патријарх Цариградски
Најпрво беше презвитер во Црквата александриска, но по смртта на патријархот Флавијан беше возведен за патријарх на цариградскиот престол, во 449 година. Цариградскиот престол е признаен за рамен на Римскиот во негово време, и тоа на Вселенскиот Собор во Халкидон, во 451 година. Овој Свет патријарх се бореше многу за чистотата на православната вера, многу страдаше од еретиците, додека најпосле не беше и убиен од нив во 458 година, во времето на царот Лав Велики. Со Црквата управуваше близу девет години, а потоа се пресели меѓу нејзините Свети јерарси.
Преподобен Александар
Роден е во Азија, школуван во Цариград. По завршувањето на школувањето се предаде на војничка служба и стана офицер. Читајќи го Светото Писмо наиде на зборовите: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај с ѐ што имаш и раздели им го на сиромасите, и ќе имаш сокровиште на небото, а потоа појди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). Овие зборови извршија такво влијание врз него, што веднаш продаде с ѐ свое, го раздаде и се оддалечи во пустина. После долготрајни подвизи и трудови за своето очистување, ја востанови Обителта на Неусипајуштите (Неуспивливи), со особен устав. Според тој устав богослужбата течеше непрестајно дење и ноќе. Братството беше поделено во дваесет и четири чреди; секоја чреда си го знаеше својот час од денот или ноќта и одеше в црква да го продолжи читањето и пеењето на претходната чреда. Патуваше многу по источните страни без никаде ништо, ги просветуваше луѓето со верата Христова, ги побиваше еретиците, чинеше чуда со Божествената благодат, остаре служејќи Му на Господ Исус Христос и најпосле го заврши својот земен живот во Цариград, 430 година, каде што неговите мошти ја пројавуваа чудесната моќ и слава со којашто Бог ги прославува Своите свети слуги.
Свети Исаија Отшелник
Се подвизуваше во Мисирскиот Скит во 5 и во 6 век. Се спомнува во книгата на Светите Варсануфиј и Јован (одговор 249 и др.) како маж со вонредна светост. Напиша мноштво поуки за монаси и отшелници. Но од неговите списи преостанаа малку, а многу се уништени од муслиманите. Говореше Свети Исаија: „Пред да се разбуди од сонот на мрзливоста, умот се наоѓа со демоните“. „Круната на сите добри дела се состои во тоа човек да ја положи сета своја надеж на Бога, да прибегнува кон Него Единствениот со сето свое срце и со целата сила, и да плаче пред Бога молејќи Го за помош и помилување.“ Каков е знакот дека на човекот му е простен гревот? „Знак дека гревот е простен е тоа што тој грев не произведува повеќе никакви дејства во твоето срце и си го заборавил до таа мера, што во разговор за сличен грев не чувствуваш никаква наклоност кон тој грев, како да е нешто наполно туѓо за тебе. Тоа е знакот дека си помилуван.“ Залудни се и молитвите и подвизите на човекот којшто во себе таи злоба кон својот ближен и желба за одмазда. „Со сите сили грижи се со устата да не зборуваш едно, а во срцето да имаш друго“. Круна на добродетелите е љубовта, а круна на страстите е правдањето на сопствените гревови“.