12 јули 2024
Светиот апостол Петар
Син Јонин, брат на Андреа Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар (Јован 1, 42). Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно. Кога Го изведоа Господ на суд, Петар трипати се одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана неустрашлив и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Ерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирика и Италија. Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт. Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ.
Тропар - Првопрестолници на апостолите, и учители на вселената, Господарот на сите молете Го, да ? дарува мир на вселената, а на душите наши – милост голема.
Кондак - Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја правдина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето.
Светиот апостол Павле
Родум од Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабожците. Го нарекоа апостол на незнабожците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.
Тропар - Првопрестолници на апостолите, и учители на вселената, Господарот на сите молете Го, да ? дарува мир на вселената, а на душите наши – милост голема.
Кондак - Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја правдина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето.