6 јуни 2019
Преподобен Симеон Столпник Дивногорец
Овој прекрасен светител се роди во Антиохија во 522 година, во времето на царот Јустин Постариот. Татко му загина во земјотрес, а тој остана сам со мајка му Марта. Во шестата година од животот се оддалечи во пустина кај некој духовник Јован и под негово раководство се предаде на подвиг на пост и молитва, за голем восхит на сите што го видоа. Откако претрпе страшни демонски искушенија, од Господ и од Неговите ангели прими голема утеха и благодат. Христос му се јави во вид на прекрасно момче. По тоа видение во срцето на Симеон се разгоре голема љубов кон Христа. Помина многу години на столб, молејќи Го Бога и пеејќи псалми. Потоа, упатуван од Бога, се оддалечи на гората од Самиот Господ наречена Дивна. Според името на оваа гора и него го нарекоа Дивногорец. Сходно на неговата љубов кон Бога му беше дадена ретка благодат, со помош на која исцелуваше секаква болест, скротуваше ѕверови, проѕираше во далечните краеви на светот и во срцата човечки, излегуваше надвор од себеси и ги гледаше небесата, разговараше со ангелите, ги плашеше и ги разгонуваше демоните, пророкуваше, живееше понекогаш по триесет дена без храна, примаше храна од раце на ангели. На него потполно се исполнија зборовите на Спасителот: „Кој верува во Мене делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши и поголеми дела од овие ќе врши“ (Јован 14, 12). Во Летото Господово 596, а во седумдесет и петтата година од неговиот живот, Симеон Дивногорец се престави кај Господ, за вечно да се насладува гледајќи го лицето Божјо заедно со ангелите.
Светиот маченик Мелетиј Стратилат и 1218 војници со жени и деца
Обвинет за разорување на незнабожечки храм во времето на царот Антонин. Прикован за дрво, Мелетиј ја испушти својата света душа. Со него пострадаа и голем број војници, коишто беа под негова команда, а не сакаа да се одречат од Христа, својот Господ. Сите пострадаа чесно во 2 век и се преселија во Царството на Господ Христос.
Преподобен Никита Столпник
Како момче живеел со разуздан и порочен живот. Еднаш влезе случајно в црква и ги чу зборовите на Пророкот Исаија: „Измијте се (од гревот) и ќе бидете чисти...“ (Исаија 1, 16). Овие зборови продреа длабоко во неговото срце и направија целосен пресврт во неговиот живот. Никита ги остави куќата, жената и имотот и отиде во еден манастир во близината на Перејаславје, каде што до смртта се подвизуваше со тешки подвизи. Се обложи себеси со синџири и се затвори во еден столб, заради што и го нарекоа Столпник. Бог му подари голема благодат и исцелуваше од разновидни маки. Така, го исцели фатениот черниговски кнез Михаил. Некои злосторници видоа на него синџири, па заради блескањето помислија дека се од сребро. Затоа една ноќ го убија, па му ги слекоа синџирите и ги однесоа. Ова се случи на 16 мај 1186 година. По смртта му се јави на старецот Симеон и му нареди најдените синџири да ги положи во гробот крај неговото тело.