5 јуни 2024
Свети Михаил, епископ Синадски
Овој свет и мудар јерарх од детството се посвети себеси на служба на Бога. Се подвизуваше заедно со Свети Теофилакт Никомидиски. Еднаш во време на суша овие двајца светители со своите молитви низведоа изобилен дожд на земјата. Заради неговиот подвижнички и девствен живот, уште од неговата рана младост патријархот Тарасиј го посвети за епископ Синадски. Учествуваше на VII Вселенски Собор. По желба на царот одеше кај калифот Харун-ал-Рашид заради мировни преговори. Во времето на злобниот Лав Ерменин беше симнат од архиерејскиот престол и испратен во прогонство заради иконопочитување. Таму умре во беда и сиромаштија, останувајќи му докрај верен на Православието. Во царството на Царот Христос се пресели во 818 година.
Преподобниот маченик Михаил
По смртта на своите родители овој Михаил го раздаде сиот свој имот на сиромасите, а самиот отиде на поклонение на светостите во Ерусалим. Потоа стапи во обителта на Свети Сава Осветен и таму се замонаши. Михаил беше млад и убав на лице, но од строгиот пост сув и блед. Во тоа време со Ерусалим владееја Арапите. Еден ден духовниот отец го испрати Михаил да отиде во градот за да го продаде ракоделието. На улица го сретна евнух на арапската царица и го одведе кај царицата за да ѝ го покаже неговото ракоделие. Кога виде убав монах, царицата се распали со нечиста похот и му предложи на монахот телесен грев, како некогаш жената Петефриева на целомудрениот Јосиф. Штом Михаил го одби скверниот предлог и почна да бега, гневната царица нареди да го бијат со стапови, а потоа го обвини кај царот дека божем хулел на верата Мухамедова. Царот му предложи да ја прими таа вера, но тој одби. Тогаш му дадоа некој јак отров за да го отрујат, но тој го испи отровот и не му беше ништо. По ова царот нареди и го убија со меч насред Ерусалим. Монасите го најдоа неговото тело и го пренесоа во обителта на Свети Сава, каде што беше чесно погребан. Пострада за Христа и се прослави во 6 век.
Преподобна Ефросинија, кнегиња Полоцка
Ќерка на полоцкиот кнез Всеслав. Кога родителите сакаа да ја свршат, побегна во еден женски манастир и се замонаши. Трипати ѝ се јави ангел Господов и ѝ го покажуваше местото каде што ѝ претстоеше да устрои нов манастир од девици. Кон монаштво ја привлече и својата сестра Евдокија и многу други девојки од благородничкиот сталеж. Нејзината роднина Звенислава, по раѓање кнегиња Борисовна, го донесе сето свое богатство, фустаните и скапоцените камења и рече: „Сите убавини на овој свет ги сметам за ништожни, овие украси подготвувани за брак ѝ ги давам на Црквата на Спасителот, а самата сакам да Му бидам свршеница за духовен брак и да си ја потклонам главата под Неговиот благ и лесен јарем“. Ефросинија ја замонаши и ѝ го даде името Евпраксија. На старост Ефросинија посака да умре во Ерусалим и Го молеше Бога за ова. Бог ѝ ја услиши молитвата и навистина, кога го посети Ерусалим, таму и се упокои. Погребана е во манастирот на Свети Теодосиј на 23 мај 1173 година.