3 мај 2025
Преподобен Теодор Трихина
Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења - за да има помалку сон - постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големо самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после смртта. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.
Преподобен Анастасиј Синајски
Игумен на Синајската Гора. Долго време беше монах кај славниот игумен Св. Јован Лествичник, а по неговата смрт самиот стана игумен. Освен тоа што беше голем подвижник, беше и благоглаголлив писател на житија на Светиите, а и на други поучни списи. Водеше жестока борба против т.н. еретици акефалити (безглавници), коишто го одрекуваа Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Се упокои во длабока старост во 685 година.
Блажениот Анастасиј Синаит патријарх Антиохиски
Беше монах на Синасјката Гора кога го избраа за антиохиски патријарх во времето на царот Јустинијан. На таа положба го воздигна неговата добродетел, чистотата на животот, големата духовна ученост и тврдата вера. Но царот Јустинијан падна во докетската ерес, против којашто остро станаа цариградскиот патријарх Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогони Евтихиј, а сакаше да го гони и Анастасиј, но не можеше да му најде никаква замерка на животот. Пред смртта царот Јустинијан се покаја и го врати на престолот патријархот Евтихиј, но неговиот наследник Јуст врз основа на некои клевети го прогони Анастасиј. Помина во прогонство дваесет и три години, а во времето на царот Маврикиј повторно го вратија на престолот. Управуваше со Црквата Божја уште шест години и својот земен пат го заврши во 599 година.
Блажениот Григориј патријарх Антиохиски
По народност Ерменин. Игумен на манастирот Фаран под Синајската Гора. Кога блажениот Анастасиј беше протеран од престолот, Григориј и покрај неговата волја беше поставен за патријарх антиохиски. Многу пофално за него пишува и блажениот патријарх Софрониј во својот Лемонар. Се одликуваше со особено милосрдие, особено кон грешниците. Се упокои во Господ во 593 година.
Светиот апостол Закхеј
Најпрво беше цариник и грешник, но кога Господ го виде качен на дрво во Ерихон (Лука 19, 1 - 9), влезе во неговиот дом, а ова го приведе Закхеј кон покајание. Подоцна тој го придружуваше апостолот Петар, којшто го постави за епископ на Кесарија Палестинска, каде што верно му послужи на Евангелието и мирно се упокои.
Преподобен Атанасиј Метеорит
Роден во 1310 година. Се подвизуваше на Света Гора. Го устрои познатиот манастир Метеор во Тесалија. Имаше голем дар на проѕорливост и чудотворство.
Света Тамара Грузиска
Светата благоверна царица на Грузија, Тамара Велика, родена е околу 1165 година. Потекнувала од древната грузиска династија Багратиди, а од 1178 година била совладарка со својот татко Георгиј III. Времето на царувањето на света Тамара е познато како златен век во грузиската историја. Царицата се одликувала со високо благочестие и продолжувајќи го започнатото дело на својот дедо, светиот благоверен цар Давид III Возобновител, се потрудила за распространување на Христовата вера по цела Грузија, и изградила многу цркви и манастири. Во 1204 година, управникот на Румскиот султанат Рукн ед Дин се обратил до царицата Тамара со барање Грузија да се откаже од христијанството и да го прифати исламот за државна религија. Царицата го отфрлила ова барање и во историската битка во близина на Басијана, грузиската војска ја разбила коалицијата на иноверните сили. Мудрото управување на благоверната царица Тамара предизвикало сенародна љубов и почит кон неа. Последните години од животот ги поминала во пештерниот манастир Варѕиа. Тука царицата имала своја ќелија, која била претворена во мала црквичка, во која таа постојано вознесувала молитви кон Бог. Светата царица Тамара мирно се упокоила во Бог во 1213 година и била вброена кон хорот на светите. Нејзиниот спомен Православната црква го празнува двапати: на 14 мај – денот на нејзиното упокојување и во Неделата на жените Мироносици.