12 мај 2025
Свети Василиј Острошки
Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир на Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, с ? потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, наспроти неговата волја. Како архиереј прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. А кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што тврдо се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останааа цели и целебни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на Св. Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог станува голем народен собир.
Светите девет маченици во Кизик
Овие деветмина храбри маченици во кои гореше љубовта Христова не сакаа да им принесат жртви на идолите ниту да се одречат од Господ Христос, заради што беа луто мачени и најпосле убиени со меч. Во времето на царот Константин во Кизик беше изграден храм во чест на овие маченици, а таму ги положија и нивните нетлени мошти. Нивните имиња се: Теогниј, Руф, Антипатар, Теостих, Артем, Магн, Теодот, Тавмасиј и Филимон. Презреа с ѐ минливо заради вечното. Затоа Господ ги воведе во Своите вечни обители и им даде венци на непропадлива слава. Чесно пострадаа и се прославија во 3 век.
Преподобен Мемнон Чудотворец
Се предаде на пост и молитва од младоста. Толку го очисти своето срце што стана живеалиште на Светиот Дух. Ги исцелуваше неисцелливите болни и правеше многубројни други чуда. Се јавуваше и во морски бури и ги спасуваше бродовите од пропаст. Мирно се упокои во Господ во 2 век и се пресели во Неговите небесни дворци.
Света Тамара Грузиска
Светата благоверна царица на Грузија, Тамара Велика, родена е околу 1165 година. Потекнувала од древната грузиска династија Багратиди, а од 1178 година била совладарка со својот татко Георгиј III. Времето на царувањето на света Тамара е познато како златен век во грузиската историја. Царицата се одликувала со високо благочестие и продолжувајќи го започнатото дело на својот дедо, светиот благоверен цар Давид III Возобновител, се потрудила за распространување на Христовата вера по цела Грузија, и изградила многу цркви и манастири. Во 1204 година, управникот на Румскиот султанат Рукн ед Дин се обратил до царицата Тамара со барање Грузија да се откаже од христијанството и да го прифати исламот за државна религија. Царицата го отфрлила ова барање и во историската битка во близина на Басијана, грузиската војска ја разбила коалицијата на иноверните сили. Мудрото управување на благоверната царица Тамара предизвикало сенародна љубов и почит кон неа. Последните години од животот ги поминала во пештерниот манастир Варѕиа. Тука царицата имала своја ќелија, која била претворена во мала црквичка, во која таа постојано вознесувала молитви кон Бог. Светата царица Тамара мирно се упокоила во Бог во 1213 година и била вброена кон хорот на светите. Нејзиниот спомен Православната црква го празнува двапати: на 14 мај – денот на нејзиното упокојување и во Неделата на жените Мироносици.