22 јули 2024
Светиот свештеномаченик Панкратиј, епископ Тавромениски
Овој Светител беше роден во Антиохија во времето кога Господ Исус одеше како човек меѓу луѓето на земјата. Штом слушнаа за чудата Христови, родителите на Панкратиј посакаа да Го видат чудотворецот Господ. И заедно со Панкратиј дојдоа во Ерусалим, каде што Го видоа Исус, ги слушнаа Неговите зборови и ги видоа чудата Негови. Панкратиј овде се запозна со Светиот апостол Петар. По вознесението на Господ родителите и синот се крстија во Антиохија. Панкратиј се повлече во некоја пештера во Понт, кај што го најде апостолот Петар, па во договор со Светиот апостол Павле го постави за Тавромениски епископ во Сицилија. Во овој град Свети Панкратиј изврши големи чуда, ги разори идолите, ги крсти некрстените а ги утврди крстените, и добро управуваше со Божјата Црква. Некој незнабожен војвода Аквилин, чу дека сиот град Тавромен стана христијански, па тргна со војска на овој град за да го разурне. Свети Панкратиј ги охрабри верните да не се исплашат, а самиот со клирот излезе надвор од градот носејќи го во рацете непобедливото оружје, чесниот крст. Кога војската се приближи до градот, на неа падна некоја темнина и ја обзеде голем страв. Настана голема врева, а напаѓачите се навртеа еден против друг и се избодија и се исекоа со сабјите. Така го спаси градот и своето стадо со силата на својата молитва пред Господ Божјиот угодник Панкратиј. Најпосле беше убиен со камења од некои завидливи и злобни незнабожци и се упокои во Господ. Неговите Свети мошти почиваат во Рим.
Тропар - И по нарав заедничар со апостолите, и како преемник на нивниот престол, со практиката на добродетелите, си го нашол патот што води кон божественото созерцување. Поради тоа си пострадал дури до крв заради верата, ширејќи го словото на вистината, свештеномаченику Панкратие. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак - На жителите тавромениски им се покажа како светла ѕвезда, Панкратие, и се јави како свештеномаченик за Христа. Стоејќи сега пред Него, моли се за оние што те почитуваат тебе, блажени.
Светиот свештеномаченик Кирил, епископ Гортински на Крит
Како старец од осумдесет и четири години беше мачен за Христа за време на царувањето на Декиј. Го фрлија во оган, но по Божја Промисла беше спасен. Тогаш судијата му изрече ваква пресуда: „Кирил, изведениот од оган, праведниот суд не може да го трпи меѓу живите, затоа наредувам да се убие со меч“. Светиот Старец со радост ја подметна главата под мечот и му ја отсекоа, за вечно да живее во Царството Христово.
Преподобните маченици Патермутиј и Коприј
Обајцата беа Мисирци. Мачени од царот Јулијан Отстапник. Првиот имаше седумдесет и пет години, вториот четириесет и пет. Царот успеа да го одврати Коприј од Христовата вера и да го приклони кон идолите. Коприј извика: „На Јулијан му припаѓам, не на Христа!“ Но старецот Патермутиј го укори и му спомна за вечните маки, а Коприј се сепна, па извика пред царот:„Му припаѓам на Христос, а не на Јулијан!“ На обајцата им ги отсекоа главите со меч. Со нив пострада и Александар, еден од војниците на царот, којшто гледајќи ја нивната храброст во страдањето и самиот стана христијанин. Чесно пострадаа за Христа и кај Него заминаа во 361 година.
Преподобните Патермутиј и Коприј
Иако имаат исти имиња, не се истите со гореспоменатите. Овој Патермутиј најнапред беше водач на разбојници, но по едно чудесно видение се обрати во вистинската вера и се замонаши. Имено, тој еднаш се качи на покривот од куќата на една богоугодна жена, за оттаму да влезе во куќата и да ја ограби. Но на него падна сон и тој виде Некого Којшто му се закани да не прави повеќе зло и да се покае. Не само што се крсти туку и се замонаши. Обајцата беа големи чудотворци. Со Божјата благодат ги лечеа луѓето од секакви маки и болести, ги обраќаа грешниците на прав пат, беа и проѕорливи. Некој грешник кога лежел на одар го замолил Патермутиј да му го продолжи животот за да се покае. По молитвата светителот му рече дека Бог му го продолжува животот за три години. Грешникот се покаја и точно после три години умре. Се упокоија во Господа на крајот од 4 век, во длабока старост.
Свети Теодор, епископ Едески и другите со него
Во својата дваесетта година се замонаши и како монах помина триесет и шест години. Тогаш, во времето на царувањето на Михаил и Теодора, беше избран за епископ Едески. Се упокои во 848 година. Со него се спомнуваат и неговиот учител Свети Теодосиј Столпник Сирски, неговиот брат Св. Јован и Св. Адер, благородник и богаташ, којшто побегна од жена си и се замонаши.