17 април 2025
Преподобен Јосиф Песнописец
Роден е во Сицилија од благочестиви и добродетелни родители, Плотин и Агатија. По смртта на родителите премина во Солун, каде што се замонаши. Како монах на сите им беше пример во постот, во крајната воздржливост, непрестајната молитва и псалмопеење, бдеењето и трудољубивоста. Солунскиот епископ го ракоположи за јеромонах. Кога прочуениот Григориј Декаполит го посети Солун, од дното на срцето го засака Јосиф заради неговиот редок карактер, па го зеде со себе во својот манастир во Цариград. Кога повторно изби пламенот на иконоборната ерес под Лав Ерменин, овој Јосиф беше испратен во Рим да ги повика папата и римската Црква во борба за вистинската вера. Но патем го фатија гусари и го одведоа на Крит, каде што еретиците шест години го држеа во затвор. Светиот Јосиф се радуваше зашто се удостои да пострада за Христа и непрестајно за ова Му благодареше на Бога сметајќи ги како златни украси железните окови на своето тело. Шестата година на Божиќното утро злочестивиот цар Лав беше убиен во црквата за време на утрената. Во истиот тој час на Јосиф му се јави Св. Николај и му рече: „Стани и следи ме!“ Тој се почувствува како подигнат во воздухот и одеднаш се најде во Цариград. На неговото доаѓање му се израдуваа сите правоверни. Им испеа канони и стихири на многумина светители. Имаше дар на проѕорливост, заради што патријархот Фотиј го постави за духовник и исповедник на свештенството, а го препорача како: „Човек Божји, ангел во тело, отец на отците“. Во длабока старост Му го предаде својот дух на Бога, Кому тој верно Му послужи. Се упокои мирно во Господ на Велики Четврток 883 година.
Светата маченичка Фервута и нејзината сестра вдовица и нивната робинка
Во времето на персискиот цар Савориј беше погубен Светиот епископ Симеон. Неговата сестра Фервута по желба на царицата ја зедоа во дворецот. Но таа беше необично убава и затоа навалија многубројни кандидати за женидба, меѓу кои имаше и незнабожечки гатачи и жреци. Фервута ги одби сите и со ова предизвика против себеси голем гнев. Бидејќи во тоа време се разболе царицата, гатачите му објаснија на царот дека е отруена од Фервута, а на болната царица како лек ѝ го препорачаа ова: Фервута, нејзината сестра и нивната робинка како христијанки да се престругаат со бичкии, трите половини на нивните тела да се состават на една страна, а другите три половини на друга, а царицата да се протне меѓу нив. Царот се согласи со овој крволочен предлог на гатарите. Фервута, нејзината сестра и нивната робинка пострадаа за Христа во 343 година, со ваква смрт влегувајќи во бесмртното царство на Господ Христос.
Преподобен Зосим
Монах на Јорданската обител во времето на царот Теодосиј Помладиот. Ја пронајде, ја причести и ја погреба Св. Марија Египетска. Се упокои во Господ во стотата година од животот, во 6 век.
Преподобниот маченик Никита
Родум е од Албанија, но со словенско потекло. Како светогорски монах отиде во Серез и таму се препираше за верата со мулите. Не можејќи да го надвладеат со докази, Турците го подложија на маки, во кои Свети Никита Му ја предаде душата на Бога во 1808 година.