9 септември 2024
Преподобен Пимен Велики
Родум Мисирец. Голем мисирски подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш Пимен измоли од Старецот Павел да го однесе кај Свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе многумина, со него е раката Божја.“ Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да н ? видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам овде.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со којшто управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје. За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир. Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.“
Тропар - Со пролевањето на твоите солзи, бесплодната пустина си ја направил да процвета и, со твоите длабоки воздишки, твоите подвизи си ги умножил по стопати, и си бил светилник на вселената, сјаејќи со чудеса, оче наш Пимене. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак - Еве, денес го славиме светиот спомен на твоите светли подвизи, преподобен оче, кој ги весели душите на верните, богомудар Пимене, оче наш преподобен.
Преподобен Пимен Палестински
Светиот маченик Фануриј
Кој бил и кога живеел овој светител не се знае. Многу се почитува на Родос и на Крит. Од нашите краишта во Прилеп и Битола. Во 1500 година им се јавил на некои на островот Родос и таму покажал чуда и исцеленија. Таму е пронајдена и една негова стара икона. На неа Фануриј е изобразен како млад војник, којшто во десната рака држи крст, а во левата запалена свеќа. Свети Фануриј многу се слави и во Мисир. Таму постои предание дека неговата мајка била голема и непоправлива грешничка. Но синовската љубов на Свети Фануриј кон неа била извонредна. Тој повеќе Му се молеше на Бога за спасението на својата мајка, одошто за своето. При неговото убиство, додека незнабожците го трупале со камења, светителот се молел: „Заради овие мои маки, помогни им Господи на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка.“ Во Мисир, а и кај нас, многумина така и се молат: „Спаси ја, Господи, грешната мајка на Свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми.“ И заради оваа молитва мнозина добиваат помош.
Свети Осија, епископ Кордобски
Над шеесет години управуваше со Црквата во Шпанија како епископ на Кордоба. Значајно беше неговото учество на Првиот Вселенски Собор во Никеја, а претседаваше со помесниот Сардикиски Собор во 374 година. Беше толку ревносен за Православието, што пред својата смрт повторно ја предаде на анатема Ариевата ерес.
Светиот свештеномаченик Кукша и Пимен Посник
Обајцата беа монаси на Печерскиот манастир. Кукша со успех им го проповедаше Евангелието на Вјатчаните и со успех ги крштеваше. Еден ден го нападнаа незнабожци и го заклаа, заедно со неговиот ученик. Во тој миг Пимен Посник стоеше на служба во Печерскиот манастир, па бидејќи со духот ја проѕре смртта на Кукша, којшто му беше ученик и другар, возвикна: „Братот наш, Кукша, денес е убиен за Евангелието.“ И кога го рече ова и самиот издивна.